Руски извидувачки авион се приближил до североисточниот брег на Германија, пред да се врати во Русија, придружуван од германски борбени авиони, соопшти германското воздухопловство, потврдувајќи ја информацијата на весникот „Билд“.
„Денес е активирана тревога за брз одговор во воздухопловната база во близина на Росток, на североисток, на балтичкиот брег“, се вели во соопштението.
Предупредувањето за брза реакција е систем кој е заеднички за членките на НАТО за заштита на нивниот воздушен простор.
„Причината беше непознат авион над Балтичкото Море, кој леташе без план за лет или активиран радар“, се додава во соопштението.
Германските авиони „Еурофајтер“ потоа полетаа и го идентификуваа извидувачкиот авион Иљушин II-20, кој ги придружуваше, соопшти германското воено воздухопловство, кое објави фотографија од авионот.
Според „Билд“, рускиот авион утринава летал источно од Риген, германски остров во Балтичкото Море, и во моментот на пресретнувањето се движел кон германскиот воздушен простор.
Фактот што неговиот радар беше деактивиран претставува „значителна опасност за цивилниот воздушен сообраќај“, додава „Билд“.
Според воени извори на кои се повикува „Билд“, руските извидувачки авиони „повремено“ се приближуваат до германскиот брег без да го нарушат воздушниот простор на земјата.
Тензиите во Балтичкото Море се зголемија од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година. Москва смета дека зголеменото присуство на НАТО во близина на нејзините граници е провокација и закана за нејзината безбедност.