Германската полиција уапсила две лица под обвинение дека го уценувале семејството на седумкратниот светски шампион во Формула 1 Михаел Шумахер, пишува весникот „Билд“.
Мажите, кои се од западногерманскиот град Вупертал, беа приведени во средата откако побараа милиони евра од роднините на легендарниот пилот, се додава во изданието.
Обвинителите во Вупертал започнаа истрага за изнуда и беа извршени апсења во врска со истрагата, изјави портпаролот на судот, без да ја именува славната личност чии роднини биле изнудени.
Портпаролот на Шумахер не одговори на барањето за коментар.
Во 2017 година, судот во Ројтлинген му изрече условна казна на човек кој испратил е-пошта во која им се заканувал на децата на Шумахер, освен ако не добие 900.000 евра.
Михаел Шумахер не се појави во јавноста откако претрпе сериозна повреда на мозокот во несреќа на скијање за време на семеен одмор на француските Алпи во декември 2013 година. Семејството ја чува неговата состојба строго доверлива, со пристап ограничен на најблиските.