Билетите за финалето на СП во Катар многу поскапи отколку во 2018

од Nikola Popovski
309 прегледи

Билетите за финалниот натпревар на Светското првенство во Катар се за 46 отсто поскапи од претходниот турнир кој Русија го организираше во 2018 година.

Билетите се пуштени во продажба, а навивачите можат да се пријават онлајн на веб-страницата на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА). Најскапите билети за финалето на 18 декември на стадионот Лусаил ќе чинат 1.607 долари, што е за 46 отсто поскапо од финалето во Русија (1.100 долари).

Влезниците од втората категорија за финалето се поскапи за 41 отсто, додека оние од третата категорија ќе чинат 604 долари за странските навивачи, што е една третина поскапо од претходното финале.

Домашните навивачи ќе купат билети од четврта категорија за финалето, кои ќе чинат 206 долари, наспроти оние од Русија кои чинат 110 долари.

На крајот од првата фаза од пријавувањето за влезници, која трае до 8 февруари, организаторите ќе организираат ждрепка, по што навивачите до 8 март ќе знаат дали ќе можат да купат билети.

Покрај регистрацијата за поединечни натпревари, навивачите можат да се пријават за да ја следат својата репрезентација во текот на целиот период и да гледаат четири натпревари на четири различни стадиони.

Светското првенство ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември во Катар.

Слични содржини