Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски денеска повика да престанат шпекулациите дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 50 проценти по 1 јануари.
-Би замолил да се воздржиме од шпекулации без никакви анализи. Нема потреба сега да се крева паника, се што и стои на располагање на РКЕ, на ЕСМ, на МЕПСО и на Владата ќе биде преземено, посочи Бислимоски и додаде дека кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што вчера ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија.
Состојбата, потенцира, е сериозна имаме проблем со хидрологијата, во одреден дел и со термоелектраните, но се се решава и на никој не му е ни на крај на памет да не преземе мерки кои стојат на располагање.
-Најодговорно тврдам дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за 50 проценти, а никој во моментов не знае колку ќе се зголеми. Оперативните трошоци, амортизација и поврат на капитал се работи кои веќе се определени на Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија и на МЕПСО за пренос. Тоа не може да се смени. Може да има притисок врз трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат тендери и ќе видиме кои цени ќе се понудат. Ако цените се превисоки на располагање ни е концептот преку ЕСМ за набавкана јаглен или доколку има потреба да се вклучи ТЕЦ Неготино, прецизира Бислимоски.