Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски денеска повтори дека евтината тарифа на струја почнува со примена од 1 декември од 13 до 15 часот и во првите десет дена од декември повеќето од домаќинствата ќе имаат пристап до неа.
-Тарифниот систем за евтината дневна тарифа е донесен уште во јуни, објавен е во „Службен весник“, нема никакви измени и сето тоа ќе стартува и ќе си функционира беспрекорно. Значи, нема никакви проблеми. Евтината тарифа ќе биде воведена и тоа ќе биде одлична вест за граѓаните, особено за пензионерите коишто во изминатиот период кажаа јасно и гласно дека таа многу им помага во нивниот стандард и од тоа нема отстапки, рече Бислимоски во одговор на прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.
Нагласи дека потрошувачите треба да и веруваат на РКЕ. Бислимоски увери дека евтината тарифа ќе почне беспрекорно бидејќи сè што досега РКЕ кажала – било реализирано.
Првично дневната евтина тарифа требаше да се врати од 1 јули, но надлежните најавија дека ќе се одложи ваквата мерка.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.