Бислимоски: Го разбирам револтот на граѓаните за покачувањето, затоа и не ја укинавме евтината тарифа на струјата

од Берта Китинска
229 прегледи

Зголемувањето на цената на струјата нема да влијае врз покачувањето на останатите производи затоа што 90 проценти од индустриските и комерцијалните потрошувачи купуваат електрична енергија на слободен пазар. Значи нашата одлука воопшто не се рефлектира на овие потрошувачи и не може да стане збор за некаква инфлаторна спирала, ниту пак за зголемување на цените на нивните производи, вели во интервју за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.


Дополнително, како што посочува, на слободниот пазар цената на електричната енергија има тренд на намалување од околу 8 до 9 проценти во споредба со претходната година што значи дека на ниту еден начин нема да им се зголемат трошоците на големите потрошувачи, а со самото тоа да се зголемат и цените на нивните производи.

– Го разбирам револтот на граѓаните и дека времето е кризно. Затоа и не ја укинавме евтината тарифа на струјата која ја има само кај нас. Барањата на енергетските компании детално ги анализиравме и побаравме дополнителни податоци бидејќи доколку ги прифативме барањата, тогаш цената ќе се зголемеше за 25 проценти, истакнува Бислимоски.

Посочува дека одлуката за зголемување на цената на струјата е донесена врз основа на детални анализи и дополнителни податоци добиени од енергетските компании. Како регулаторно тело, вели, не можат да влијаат врз одреден процент од елементите што се земаат предвид при определувањето на цената на електричната енергија.

– Определуваме цени врз основа на методологија и на некои од елементите не можеме да влијаеме бидејќи не зависат од нас. Од 2019 година повеќе не определуваме цена за ЕЛЕМ односно за ЕСМ и тие сами си определуваат и се јавуваат на тендерот на ЕВН ХОУМ. Тоа изнесува 42,24 проценти од вкупните трошоци. Има законска обврска електричната енергија произведена од повластените производители да се откупува и тој трошок се префрлува кај сите останати снабдувачи. Тој трошок изнесува 7,19 проценти. Исто така има и маржа за универзалниот снабдувач кој се утврди врз основа на тендерот што го распиша Владата и таа маржа изнесува 11,5 проценти и ние мора да ја применуваме. Значи точно на 59,74 проценти не можеме да влијаеме, појаснува Бислимоски.

Вели дека трошоците на енергетските компании се сведени на минимум за да можат да обезбедат стабилност на енергетскиот систем, а за да се надмине јазот од зголемувањето на цената на електричната енергија, РКЕ предлага, доколку има можност, да се намали ДДВ за струја по примерот на парното и водата додека трае корона кризата и да се зголеми трошокот за социјална сиромаштија.

– Доколку ЕЛЕМ односно ЕСМ и МЕПСО кажат дека сакаат да се намали електричната енергија и достават други податоци, тогаш РКЕ во рок од три дена има можност да ги промени своите одлуки, но повторувам дека станува збор за трошоци кои РКЕ ги сведе на минимум, вели Бислимоски.

Според него, со овие цени кои се одобрени, енергетските компании ќе работат на нула, односно само за да ја преживеат годината. Поточно, екстра приходите што ги добивала ЕЛЕМ од продажбата на вишоци, годинава ги нема односно компанијата има помали приходи од 17 милиони евра. Од друга страна и МЕПСО има помали приходи од транзитирање на електричната енергија низ нашата држава од околу 11 милион евра.

– Значи во системот фалат овие пари. Не зборуваме дека ќе остварат профити, туку да ја завршат годината за да обезбедат сигурност и стабилност во системот со снабдување со електрична енергија, вели Бислимоски.

Појаснува дека во трошоците на енергетските компании се земаат предвид и платите на вработените, но нагласува дека во оваа најнова одлука не е земено предвид ниту едно ново вработување во МЕПСО и ЕВН.

– Во пресметките е влезена состојбата со бројот на вработени која компаниите ја имале во 2018 година. Исто така, трошокот за плата кој го исплаќаат, не е признат во целост, туку го признаваме како просечна плата исплатена во секторот енергетика врз основа на податоците од Државниот завод за статистика. Значи ништо не е паушално и измислено како што тврдат одредени квази експерти во јавноста кои немаат ниту еден ден работно искуство во енергетскиот сектор, потенцира Бислимоски.

Согласно методолгијата на РКЕ се гарантира и одреден профит за енергетските компании, но се што е над тој лимит, според Бислимоски, се одзема.

– На МЕПСО му се одземени 13,25 милиони евра екстра приходи кои ги има остварено, а на ЕВН ХОУМ 4,5 милиони евра. Значи на ниту еден начин не дозволуваме компаниите да остварат профит надвор од дозволените рамки, вели Бислимоски за МИА.

Слични содржини