Во моментов ги анализираме детално доставените пресметки од енергетските компании, под лупа се ставени сите ставки. Штом заврши овој процес, ќе можеме да кажеме дали и колку од пријавените трошоци се реални, дали се прифатени и колку тие ќе вилјаат на оформување на цената на електричната енергија, вели во интервјуто за „Локално“ Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Претседателoт на РКЕ вели дека граѓаните максимално ја користат евтината тарифа и дека како регулаторно тело ќе сторат се за да може оваа поволност и понатаму домаќинствата да ја користат.
На прашањето до каде сме со гасификацијата, Бислимоски вели дека во моментов е започната втората фаза на тендерот за избор на јавно приватен партнер за изградба на дистрибуција на природен гас.
-Верувам дека кон крајот на следната година, откако ќе биде избрана компанијата што ќе ја развива дистрибутивната мрежа за природен гас во државата ќе може да се приклучат и првите потрошувачи на дистрибутивната мрежа на природен гас во Скопје и во државата, вели тој.
Пред одлука сте за цената на електрична енергија, што покажуваат податоците кои ги анализирате дали ќе се зголеми цената?
-Во моментов ги анализираме детално доставените пресметки од енергетските компании, под лупа се ставени сите ставки. Штом заврши овој процес, ќе можеме да кажеме дали и колку од пријавените трошоци се реални и дали се прифатени. Инаку МЕПСО, кој во крајната цена има удел од 3,53% има побарано зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто. Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија бара зголемување за 45 отсто, а инаку има учество од 0,13% во крајната цена. Зголемување од 0,95% побара Електродистрибуција која учествува со 35,91% во крајната цена. ЕВН хоум до РКЕ има доставено само барање за маржа, но се чека исходот од јавниот тендер за набавка на електрична енергија што треба да се објави во текот на овој месец, а количините се наменети за потребите на регулираниот пазар. На овој тендер ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребните, а останатите ЕВН хоум да ги набави на слободниот пазар. Доколку цената што ќе ја понуди ЕСМ биде повисока ЕВН хоум може сите потреби да ги задоволи на слободниот пазар.
Изминатите години енергетските компании како трошок ги прикажуваа и инвестициите во ски центри, одмаралишта, хотели и фасади. Дали овие трошоци треба да влијаат врз одлуката на цената?
-РКЕ ги анализира само трошоците кои имаат директна врска со енергетската дејност. Дури и во овој сегмент ако цениме дека некои од основните средства се прескапо набавени или дека нема потреба од такво основно средство ќе ги одбиеме и нема да ги признаеме. Категорично тврдам дека не признаваме трошоци и инвестиции за ски-центри и за одморалишта кога ја формираме цената на електричната енергија.
Ќе остане ли евтината тарифа?
-Евтината тарифа се покажа како одлично искористен часовен интервал од страна на домаќинствата. И во текот на денот и во вечерните часови граѓаните ја користат евтината тарифа максимално и ние се ќе направиме да ја овозможиме оваа поволност за домаќинствата и во следниот период.
Мината година побаравте институциите да ја разгледаат опцијата за намалување на ДДВ-то како можност за да се намалат можни ценовни удари гледаме дека претпријатијата државни сега и опозицијата истото го бара. Ќе се намали ли ДДВ-то?
-Уште минатата година кога ја соопштивме одлуката за цената на електричната енергија инициравме и побаравме надлежните да ги разгледаат опциите за намалување на ДДВ и за проширување на листата на ранливите категории се со една цел – а тоа е да им се помогне на граѓаните. Дали ќе се намали, тоа е одлука на владата, а потоа и на Собранието.
Колку диверзификација на пазарот придонесува за квалитетот на услугите и цената?
-Нашиот пазар за електрична енергија е ликвиден. Во моментов имаме девет активни снабдувачи со електрична енергија и тоа е поради тоа што нашата земја е поврзана со сите соседни земји. Сега во градба е нова интерконективна врска со Албанија со што електричната енергија произведена во нашата земја и во регионот ќе може да се понуди и на поголеми пазари како што е на пазарот во Италија.
Светот се затоплува на гас, ние се грееме на струја, познавачите велат дека тоа е луксуз, до каде сме со гасификацијата кога може да се очекува гас во домовите?
-Во овој момент ќе започне втората фаза на тендерот за избор на јавно приватен партнер за изградба на дистрибуција на природен гас во државата и верувам дека кон крајот на следната година, откако ќе биде избрана компанијата што ќе ја развива дистрибутивната мрежа за природен гас во државата ќе може да се приклучат и првите потрошувачи на дистрибутивната мрежа на природен гас во Скопје и во државата.
Најавени се нови инвестиции во фотоволтаици, ветерници, гасни централи. Кога ќе започне енергетската транзиција на земјава? И на кој начин овие енергетски проекти ќе може да ја раздвижат економијата?
– Кај нас енергетската транзиција веќе е започната и сме прва земја во регионот која што термоелектрана, во случајов ТЕЦ Осломеј целосно ќе се замени со неколку фотоволтаични електрани изградени во дворот на сама термоелектрана. Процесот на енергетска транзиција е неминовен и нема запирање. Во следниот период ќе има се повеќе и повеќе инвестиции во обновлива извори на енергија, а тоа ќе влијае на подобрување на независноста на нашата држава во однос на увозот на електрична енергија.
Дали Македонија има план за да го намали производство на електрична енергија од јаглен?
Македонија има план кој се спроведува и според кој во 2025 еден блок од РЕК Битола ќе треба да се замени со природен гас . Во следниот период очекуваме дека како што е и во Европа така ќе дојде и денот и кај нас да има трошокот за ЦО2 емисии. И тој се повеќе и повеќе ќе се зголемува, со што ќе биде неисплатливо да се продава електрична енергија произведена од термоелектраните на јаглен. Конкретно, во Србија имаше план да се гради нов блок на Kолубара Б, но последните најави покажуваат дека е неисплатливо да се прави поради зголемените трошоци токму за ЦО2 емисии.
Б.М.