Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски не верува дека ќе има некое посериозно зголемување на цената на електричната енергија кај домаќинствата од 1-ви јули. Вели дека како РКЕ се уште ги немаат добиено точните бројки од „ЕВН хоум“ за да се види каква е структурата на потрошувачка по блоковите. Сепак, дециден е дека нема да има ценовни шокови.
-Како просечна цена, ќе се движиме тука некаде, да биде нешто минимално, да нема никаков ефект. Не знам сега да кажам, 1% зголемување мислам дека не е никаков проблем за домаќинствата, кажа Бислимоски во интервју за „360 степени“ на „МРТ 1“.
Првиот регулатор во државата бара и јагленот за РЕК Битола да се увезува од азиските земји, наместо од Грција, Абанија и Косово како досега. Според него, станува збор за висококалоричен јаглен и дека треба да се тестира и анализира какви би биле ефектите на производството на струја, а какви трошоците.
Околу причините за електричниот колапс во регионот што се случи во петокот, Бислимоски посочува дека комбинација на среќна околност што Македонија и Албанија не се поврзани со интерконектор, како и мерките кои ги презеле од МЕПСО, е причината што земјава не се соочи со недостаток на електрична енергија.
Според првиот човек на Регулаторна, лекот лежи во инвестиции, бидејќи во овој дел на Европа потрошувачката расте, а нови капацитети речиси и да нема.
Во Собранието денес почнува постапката за дополнување на Законот за енергетика со кој се предвидува намалување на цената на струјата од 1-ви јули. Предлог законот е поднесен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Со законот треба во наредните шест месеци да се спречи нагорен тренд на цената на струјата, а од јануари 2025-та година да се намали цената на електричната енергија и за домаќинствата и за индустријата.