Ја дознавме Одлуката на Уставниот суд од медиумите, се уште немаме добиено официјално известување. Вообичаено одлуки на Уставен суд не се коментираат, но оваа Одлука значи дека апсолутно сега се либерализира постапката за исклучување на потрошувачите од системот за топлинска енергија, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, откако Уставниот суд го олесни исклучувањето од топлинска енергија на потрошувачите.
Според него, тоа може да придонесе до зголемен број исклучени потрошувачи, што, пак, ќе влијае негативно на цената за топлинска енергија, односно ќе доведе до нејзино зголемување.
-Особено се плашам дека ако тие потрошувачи кои би се исклучиле и би почнале да се греат на струја, ќе го оптоварат особено дистрибутивниот систем во Скопје. Ние како РКЕ ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд, но кажувам што ќе значи тоа во пракса – можност за полесно исклучување, намалување на бројот на потрошувачи на топлинска енергија, што може да доведе до зголемување на цената за парно и да имаме домаќинства кои повеќе ќе се греат на електрична енергија, истакна Бислимовски на прес-конференција.
-Во деловите на Скопје каде што има организиран за топлинска енергија, трафостаниците и мрежата се со послаб капацитет бидејќи не се очекувало дека таму луѓето ќе се греат на струја, додаде првиот регулатор во државата.