Актуелниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, незаконски и овозможил на нафтената компанија „Тритерол Петрол“ да продолжи со работа повеќе од една година. Ова го тврди Финансиската полиција која му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Оттаму наведуваат дека иако лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година како што налагале законските рокови, Бислимовски донел решение со кое постапката била прекината, а лиценцата била одземена по 15 месеци. Во тој период компанијата остварила промет над 3 милиони евра и незаконски заработила 227 илјади евра.
Бислимовски појасни дека станува збор за примена на правилникот за капацитет на резервоари за гориво, но рече дека нема прекршување на процедурата бидејќи истиот правилник бил применуван и за сите останати компании – баратели на лиценци. Рече, оти им стои на располагање на истражителите да докаже дека роковите се испочитувани, а кривичната пријава нема основа.
-Во наредниот период ќе се обидам да докажам, ќе го следам целиот процес кој се случува и нема да дозволам на ниту еден начин, имајќи предвид дека сум и татко, и сопруг, и брат, и пријател, да биде извалкано моето име. Сè што стои на располагање, ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање, кажа Бислимоски на прес-конференција.
Тој нагласува дека во истиот период биле водени идентични постапки за повеќе компании во секторите за нафта и електрична енергија, при што биле почитувани истите рокови и процедури. Бислимоски посочува дека одлуките не се негови лични, туку се производ на работата на стручен тим во рамките на комисијата. Како аргумент за професионалноста, тој ја наведува високата оценка од Енергетската заедница, која ја рангираше македонската РКЕ како една од најдобрите во регионот.
На Бислимоски во тек му е вториот петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот беше во периодот од јуни 2018 до јуни 2023. Тој беше реизбран за функцијата со одлука на Собранието од јули 2023 годна.