Бислимоски предупредува за „ценовно цунами“ на парното доколку не се постави нов топловод на мостот „Беласица“

од Nikola Popovski
374 прегледи

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски денеска информираше дека доколку не работи ТЕ-ТО, ќе се случи ценовно цунами со топлинската енергија во Скопје. Причина за тоа било доколку не се врати цевководот на мостот „Беласица“ преку кој се транспортира енергијата од ТЕ-ТО која нуди многу пониска цена од онаа на топланите Исток и Запад.

Заради тоа, Бислимоски истакна дека нема да носат одлука за цената на енергијата, се додека не добијат уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот Беласица.

Нагласи дека доколку не се донесе одлука ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење.

-Во Град Скопје и во ЕСМ има разумни луѓе и сметам дека ќе се договорат, рече Бислимоски и додаде дека е логички тој што е сопственик на мостот да даде дозвола ЕСМ дистрибуција на топлина да ги постави цевките кои се веќе донесени таму.

Мостот „Беласица“, кој четири месеци беше затворен за сообраќај поради пожар што го зафати на 12 мај, од саботата е пуштен, но се вози само по крајните две коловозни ленти. Од Град Скопје тогаш информираа дека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.

Во соопштението од Град Скопје беше наведено дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булеварот ‘Беласица’, утврдено е дека тој нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот. Од извештајот, како што велат од Градот, констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое компанијата треба да го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија.

Слични содржини