Иако се уште сме во енергетска криза, цената на електричната енергија е зголемена, дел од граѓаните во земјата се луксузираат трошејќи еноромни количини наструја.
Поради зголемената потрошувачка Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) наскоро планира да воведе блок тарифи кои ќе обезбедат фер и пристапни цена за сите потрошувачи и ќе го поттикнат рационално користење на електричната енергија.
-РКЕ ќе ги покани сите релевантни чинители во енергетскиот сектор како и научната фела од Електро техничкиот и од Машинскиот факултет да се вклучат во реформата на тарифниот модел за електрична енергија во домаќинствата, познат во јавноста како скалесто тарифирање, односно блок тарифи кои ќе овозможат фер цена за сите потрошувачи. Отпочнат е процесот во кој се анализира потрошувачката на домаќинствата низ цела територија со цел да се добие реална енергетска слика кај семејствата кои се загреваат со топлинска и се догреваат со електрична енергија и кај оние кои во целост за загревање ја користат електричната енергија. Во моментов се прават анализи за опсегот на просечната потрошувачка на едно семејство, вели во разговор за „Локално“, првиот човек на РКЕ, Maрко Бислимоски.
Тој потенцира дека првичните анализи покажале дека има нерационално трошење на електричната енергија, од страна на 1% од домаќинствата кои користат 20 % од вкупната енергија за домаќинствата и тоа за греење на големи површини, во некои случаи греат и надворешни и внатрешни базени.
-Детектирано е неекономично користење на електрична енергија од мал број на потрошувачи, во услови на енергетска криза. За потсетување станува збор за произведена електрична енергија од домашните електрани ЕСМ кои на ЕВН Хоме, односно за граѓаните им е обезбедена за 41 евро за MW/h, во време кого цените на светските берзи достигнаа и пикови од 450 евра за MW/h. Што значи дека овие потрошувачи немаат проблем да плаќаат пазарна цена, затоа што трошат еноромни количини. Од друга страна со овој нов модел максимално ќе се заштитат потрошувачите со просечна потрошувачка – за нив ќе биде обезбедена пониска цена во однос на другите тарифи. Блок тарифите, односно скалестото тарифирање ќе обезбеди фер пристап цена за сите потрошувачи и ќе поттикне рационално користење на електричната енергија. Во однос на времето од кога ќе биде применет новиот модел, јавноста ќе биде навреме известена, објаснува Бислимоски.
Премиерот Димитар Ковачевски, даде препорака за воведување на блок-тарифи за помала потрошена количина на електрична енергија, која ќе биде тарифирана со пониска цена, со што ќе се заштитат тие што имаат помал доход. Истовремено, ќе се мотивираат за дополнително штедење во користењето на електричната енергија.
-За тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија, ќе има тарифни модели за да платат повеќе. На сметка на тоа, други ќе платат помалку, изјави премиерот.
Какви се искуствата од регионот?
Косовскиот премиер Албин Курти во јануари најави дека Владата на Косово го поддржува воведувањето блок тарифи.
Курти додаде дека поскапувањето на струјата нема да важи за потрошувачите кои трошат до 600 киловати месечно и за косовските компании.
Според промените на цените домаќинствата кои трошат повеќе од 800 киловат часови електрична енергија во Косово месечно плаќаат речиси двојно повеќе. За оние кои трошат над 800 киловат часови, високата тарифа чини 12 центи, а ниската шест центи.
Цената на струјата во земјата по Нова Година поскапи за 9,48 проценти. Воедно надлежните ја укинаа дневната ефтина тарифа за струја, ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела останат.
Б.М.