Бислимоски: Со воведувањето на евтината дневна тарифа, Македонија ќе има најевтина цена на струја во Европа

од Nikola Popovski
790 прегледи

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски порачува дека во моментов Македонија има втора најевтина струја во Европа, односно поскапи сме само од Србија.

-Кога ќе се воведе евтината дневна тарифа, сигурен сум дека ќе имаме најевтина цена на електрична енергија за домаќинствата во Европа. Не може да најдете друга земја која се обидува на ваков начин да им помогне на граѓаните. Најмногу ќе им биде потребна на граѓаните кога ќе почне грејната сезона од есеноска. Со тоа испраќаме сигнали до ЕСМ и ЕВН Хоум да купуваат електрична енергија во периодите кога е најевтина, информира Бислимоски.

-Во 2012 година евтината тарифа беше укината по нарачка на тогашната влада, додаде првиот регулатор во државата.

Во однос на тоа дали и каков земјава треба да ги мотивира оние што трошат помалку електрична енергија, претседателот на РКЕ истакна дека во моментов Црна Гора и Србија го прават тоа.

-Тие што ќе потрошат повеќе, ќе добијат помалку на сметката, но тоа го прави универзалниот снабдувач. Не може РКЕ да одлучува бидејќи нема законска надлежност. Во Србија и Црна Гора таму двете компании се државни и тоа се нивни мерки со кои што се обидуваат да си го зголемат процентот на наплата и да го зголемат штедењето, кажа Бислимоски во вестите на Тв Сител.

Тој даде свој предлог и околу субвенционирањето на струјата од страна на државата.

-Целосна промена на начинот на кој што државата ќе ги покрива трошоците на граѓаните за струја, особено најранливите потрошувачи. За тоа е потребно од УЈП да се преземат податоци колкави се приходите и тие со најмали примања да добијат најголема помош. Сметам дека листата треба да се зголеми. Факт е сега дека субвенциите кои се добиваат за електрична енергија завршуваат кај сите граѓани. Треба јасна разлика на кој треба да му се помогне, а на кој не, потенцира Бислимоски.

Слични содржини