Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски денеска порача дека има правила за снабдување и компаниите кои што се задолжени за тоа се обврзани да започнат со испорака на топлинска енергија.
-Таму каде што има калориметри, не во згради, туку во индивидуални куќи, тогаш сопственикот може и сам да го исклучи или вклучи (парното). Во оваа насока го гледам тоа што го направиле во општина Карпош. Тоа е одлука на самиот потрошувач. Во Скопје реално температурите се релативно поволни и мислам ќе нема проблем. Факт е дека сите општини во градот Скопје во изминатиот период се соочија со зголемени трошоци на топлинска енергија, кажа Бислимоски запрашан од новинарите дали градоначалник на една општина може да носи одлука да нема испорака на греење за училишта на територија на општината.
Ваквиот негов став следува по препукувањата на релација МОН-општина Карпош за парното греење во основните училишта на територијата на скопската општина. Градоначалникот Стевче Јакимовски бара исплата на долг, а министерката Весна Јаневска тврди исплатени се сите блок дотации кои се за општините.
Јакимовски е дециден дека општината нема да го плати долгот од 8 милиони денари.
-Ако е моја обврска да го плаќаме парното, зошто тогаш МОН дава пари? Ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за греење, зошто тогаш бара и ние општината да даваме пари? Зошто само општина Карпош? Овој дискриминаторски однос кон општината не се смирува, рече градоначалникот на прес-конференција.
-Замислете сега северџанката министерка ме учи мене како да ги менаџирам парите. Парите што ми дала сме ги префрлиле кај училиштата. Што да менаџирам? Се јавувам доброволно да одам на часови кај министерката да ми објасни како да ги менаџирам парите. Ама потрошиле училиштата 100 банки, а она дала 2 банки. Не се доволно тие средства. Цел живот кратат од општина Карпош и цел живот ги носам на грб, додаде Јакимовски, обраќајки ѝ се директно на Јаневска.
Претходно министерката информира дека организацијата е на градоначалниците и училиштата за да спроведат се друго, а не само грејната сезона.
-Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначалникот е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата, рече министерката, додавајќи дека „не слушнала за ваков проблем во другите општини“.