Бислимовски чека извинување: Ме лепеа по плакати, се чувствував како најголем криминалец

од Nikola Popovski
194 прегледи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски чека извинување за, како што вели, нападите поради високата цена на нафтените деривати во изминатите неколку месеци.

-Како што знаете, особено бевме напаѓани јас и Комисијата поради цените на нафтените деривати. Па, дури јас бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата.  И тогаш кажував дека тоа се лажни вести, изјави денеска Бислимовски на прес-конференција.

Бислимовски вели дека РКЕ цената ја пресметува според утврдена методологија која се користи во цела Европа.

-Во последните две-три недели, пред се заради паѓање на цената на нафтените деривати на светските берзи, како и поради намалување на курсот на доларот, РКЕ ја намали цената на горивата за повеќе од 30 денари. И денеска ќе има намалување на дизелот за 1,5 денар по литар, на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 исто за 1,5 денар, а на ЕУРОСУПЕР БС-95 за еден денар. Секогаш повикуваме да се верува на институциите. Нашите одлуки се базирани на методологии. Очекувам тие што ме ставија на билборди јавно да се извинат и да престанат со неосновани напади врз РКЕ, рече денеска Бислимовски на прес-конференција.

Тој очекува да продолжи трендот на опаѓање.

-Сето тоа што се случува на светските берзи, го рефлектираме на нашите одлуки. Да се надеваме дека трендот ќе продолжи и ќе се одржат овие цени. Ние не измислуваме цени и работиме под стриктно утврдени методологии, истакна Бислимовски.

Слични содржини