„Бистро – матно“: БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец август 2024

од Nikola Popovski
33 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2024 ГОДИНА

Quod licet lovi, non licet bovi

1.   И ВРХОВНИОТ СУДИЈА НАЌЕ ГЕОРГИЕВ СЕ СПОГОДИ СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ПРИФАТИ ТРИГОДИШНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА МИТО ОД 15.000 ЕВРА – Врховниот судија Наќе Георгиев се спогоди со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот за земање мито од синот на ексградончалникот на Ново Село Боро Стојчев и прифати да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. Во истиот случај, спогодба со обвинителството склучи и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кој доби една година затвор условно и истата Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.

2.   ИЏЕТ МЕМЕТИ ПРИЗНА ВИНА И СЕ СПОГОДИ СО  ОБВИНИТЕЛСТВОТО – Членот на Советот на јавни обвинители и поранешен Народен правобранител, Иџет Мемети признал вина за примање награда за противзаконито влијание и се спогодил со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за условна казна. Мемети доби и забрана за вршење на дејноста во наредните три години. Тој до Собранието поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители.

3.    РЕАКЦИЈА: ПЛАТФОРМАТА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА БАРА ДА СЕ ВРАТИ ВО ФУНКЦИЈА ПОРТАЛОТ „ОТВОРЕНИ ФИНАНСИИ“ – Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“. Платформата бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика. Порталот „Отворени финансии“ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција.

4.   СЕРВИСОТ ШТО ГО НУДЕШЕ ТАЈМ.МК КАДЕ ШТО МОЖЕА ДА СЕ СЛЕДАТ СИТЕ СКЛУЧЕНИ ДОГОВОРИ, ОДНОСНО ТЕНДЕРИТЕ ШТО ГИ СКЛУЧУВААТ ДРЖАВНИТЕ И ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ, ПО 12 ГОДИНИ, ВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ – Бирото за јавни набавки го укина бидејќи наводно им се оптеретувал сајтот. Како што вели основачот на Тајм.мк, Игор Трајковски причината е што од Бирото за јавни набавки сметале дека „таквиот пристап го оптеретувал сајтот и не им дозволувал нормално користење на регистрираните корисници“. Биле упатени податоците да ги симнуваат рачно, или да ги пренасочуваат заинтересираните корисници на нивниот сајт.

5.   ДКСК СО ВРЗАНИ РАЦЕ: 826 ИНСТИТУЦИИ БЕЗ ДОСТАВЕНИ ИНФОРМАЦИИ, МЕЃУ КОИ И 10 МИНИСТЕРСТВА – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се соочува со сериозни предизвици во одржувањето на транспарентноста и отчетноста во изборниот процес за 2024 година. Во својот најнов извештај, ДКСК алармира дека поради правни празнини во законската регулатива, Комисијата не може да покрене прекршочни постапки против оние кои не ги доставуваат потребните податоци. Она што е најзагрижувачко е фактот дека дури 826 институции не ги доставиле потребните информации, меѓу кои и 10 министерства. Ова укажува на сериозен недостаток на транспарентност и може да се интерпретира како обид за прикривање на потенцијални неправилности. Изборниот законик, исто така, е предмет на критика во извештајот. ДКСК укажува на слабости во правната и административната рамка, кои создаваат ризици за корупција.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2024 ГОДИНА

1.    Кривична пријава за злоупотреба на службена положба на в.д. директорот на ЈКП Гази Баба 2007 – МВР поднесе кривична пријава против В. М. (31) поради основано сомнение дека сторил кривично дело по член 353 од Кривичниот законик – ,,злоупотреба на службена положба и овластување”, со тоа што во текот на 2021 година, со неизвршување на своето службено овластување како в.д. директор на ЈКП „Гази Баба 2007″ Скопје го оштетил буџетот на Општина Гази Баба во износ од 1.218.000 денари.

2.   Лишен од слобода возач на автобус од Тетово поради нудење поткуп – На наплатната станица Романовце во правец кон Скопје, од страна на полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции запрен е автобус со тетовски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Тетово, управуван од А.С. од Тетово. За време на вршењето на контролата и прегледот врз автобусот, возачот на полицискиот службеник му понудил пари со цел да не продолжи прегледот и контролата, по што тој е веднаш лишен од слобода поради основи на сомневање за сторено кривично дело по член 353 од КЗ и во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

3.Претставена онлајн платформа за борба против корупција во процесот на урбанистичко планирање – Граѓаните на  онлајн платформата на Иницијативата О2 може да се запознаат со читање на основните работи во урбанистичките планови, преку информативни видеа, инфорграфици, како и преку примерни на конкретни случаи на корупција во урбанистичкото планирање. Платформата содржи и примери што, каде и како да се пријави и поднесе претставка, иницијатива, барање или жалба, но и што откако ќе се пријави, кои се чекорите што понатаму може да се преземат.  На платформата, граѓаните исто така можат и директно да пријават корупција и да добијат информации за активно дејствување.

Слични содржини