Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна и годишните анкети за корупција во рамки на проектот што го нарековме „Бистро-Матно“.
Проектот имаше голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со нејзе. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2023 година
Рамиз мерко на црна листа на САД
САД ГО СТАВИЈА РАМИЗ МЕРКО НА ЦРНА ЛИСТА ПОРАДИ ЗНАЧАЈНА КОРУПЦИЈА И МЕШАЊЕ ВО СУДСКИ ПРОЦЕСИ
САД го означуваат градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот. Оттаму велат дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.
ДКСК ЗА СЛУЧАЈОТ МЕРКО: НАОДИТЕ ОД ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ, БЕЗ ОДГОВОР ОД НАДЛЕЖНИТЕ
Не требаат 8 000 километри за некој да дојде до наодите. Тие се најдени уште пред четири години. Не требало да се чека однадвор некој да ни кажува дека постојат наоди. Напротив, надлежните требале да постапат по нашите наоди, по наодите на Државниот завод за ревизија, рече денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска во врска со предметот против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и претседателот на Основниот суд – Струга отворен од страна на ДКСК кој веќе, како што рече, застарел.
ИНСТИТУЦИИТЕ НЕМААТ ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ПРЕДМЕТИТЕ
ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ИСЧЕЗНАЛ ПРЕДМЕТ, ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НЕ ЗНАЕ ДО КАДЕ Е ПОСТАПКАТА – ИВАНОВСКА ЗА ТАЛКАЊЕТО НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ НА ДКСК ПРОТИВ МЕРКО
Наместо затворени истраги и судски пресуди по иницијативите на Антикорупциска, Јавното обвинителство во моментов, како што кажа Ивановска на денешната прес-конференција, не може да каже до каде е постапката против Мерко за скандалозните јавни набавки на општината предводена од него, меѓу кои и онаа со купувањето на луксузното возило за градоначалникот.
ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЧЕКААТ ШЕСТ ПРЕДМЕТИ
ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИМА ШЕСТ АКТИВНИ ПРЕДМЕТИ ЗА МЕРКО, ЗА ЕДЕН ПОВЕЌЕ ОД ТРИ ГОДИНИ СЕ ЧЕКА ДОПОЛНИТЕЛНО ВЕШТАЧЕЊЕ
Од Обвинителството велат дека ќе испитуваат дали струшкиот градоначалник вршел влијание во предметите, а ако се утврди дека обвинители постапувале неажурно и нестручно, ќе се поведе постапка против нив, Најголем дел од предметите за Мерко се за злоупотреба на службената положба и овластувања
ПАРТИИТЕ НИЗ ЛУПАТА НА ДЗР ПОКАЖАА НЕПРАВИЛНОСТИ
ДЗР: РЕЗЕРВА ВО ВИСТИНИТОСТА И ОБЈЕКТИВНОСТА НА ФИНАНСИСКИТЕ ИЗВЕШТАИ НА ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ И АЛТЕРНАТИВА ЗА 2021 ГОДИНА
Како што појаснува ДЗР, извршена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ и Алтернатива на сметката за редовно работење за 2020 година и за сите е изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики.
ДЗР во делот од извштаите за останати прашања за четирите партии ги истакнува системските слабости во законската регулатива и потребата од нивно надминување.
СУДОВИТЕ НЕДОВОЛНА ГАРАНЦИЈА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНИ ДОГОВОРИ
АМБАСАДОРСКИ СТРЕЛИ ВО СУДСКАТА МЕТА!
Метастазирањето на корупцијата во македонското судство сè повеќе ги загрижува странците. Пентагон смета дека владеењето на правото е важно за силен и отпорен безбедносен систем. Австрискиот амбасадор Георг Вуцас е зачуден како тоа македонските судови не спроведуваат меѓународна пресуда за австриската компанија АММА и се организираат јавни наддавања за имотот на фирмата Дена трејд, кој треба да е замрзнат. Според македонскиот претседател Стево Пендаровски, реакцијата на амбасадорот не е мешање во внатрешните работи, бидејќи легитимна обврска на секој амбасадор е да ги штити интересите и на приватните бизниси на граѓаните од неговата држава.
ПОСТАПКА ЗА СУДИР НА ИНТЕРЕСИ НА ДАМЕВА
СУДСКИОТ СОВЕТ РАСПРАВАШЕ ДАЛИ ИМАЛО СУДИР НА ИНТЕРЕСИ ВО РАБОТАТА НА ЕКС ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДАМЕВА
Причина е тоа што нејзиниот сопруг бил оштетена странка во предмет, во кој постапувале комисиите во кои членувала. „Мојата работа во комисиите не може да биде доведена во сомневање и не треба да бидам изземена од нив“. Вака се бранеше поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, која на седница беше повикана на одговорност поради конфликт на интереси.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2023 година
КАКО ФЕНИКС ОД ПЕПЕЛТА НА СЈО, ТОЧНО ТРИ ГОДИНИ ПО НЕГОВОТО ЗАТВОРАЊЕ СЕ ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА „СКОПЈЕ 2014“, ПРОЕКТ ШТО ГО ИЗМЕНИ ЛИКОТ НА ГЛАВНИОТ ГРАД.
„СКОПЈЕ 2014“ КАКО ПЕРЛАЛНИЦА ЗА ПАРИ
Истрагата со кодно име „Феникс“ за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, осомничени се 15 луѓе, од кои еден странски државјанин и 7 фирми, меѓу кои три компании се од странство, беше соопштена на прес од страна на ОЈОГОКК. Никола Груевски, тогашниот вицепремиер во владата, Зоран ставревски и Елизабета Канческа – Милевска се тројцата фуннкционери што почнале да го осмислуваат целиот потфат. Така заобиколувајќи го Собранието, од државниот буџет незаконски и биле префрлени на сметката на Општина Центар 57.681.138 евра. Тоа бесправно го прифатиле тогашните градоначалници на Центар, Виолета Аларова и подоцна Владимир Тодоровиќ. Во таа главна логистика бил тогашниот претседател на Советот на Општината Центар, Владимир Здравев и други осомничени.
ДВАЈЦА СУДИИ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ
Апелацискиот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова по нецели осум месеци како членови во Судскиот Совет си поднесоа оставки како последица на низата случувања и тензични седници.
ДЗР ОБЈАВИ ИЗВЕШТАИ ОД РЕВИЗИЈА НА СМЕТКИТЕ НА СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ И АЛТЕРНАТИВА ЗА 2021 ГОДИНА
Државниот завод за ревизија објави конечни извештаи за ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на сметките за редовно работење за 2021 година на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алтернатива.
НОМИНАЦИЈА НА ЧЛЕНОВИ ВО КОМИСИЈАТА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИ ЗА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИ СОВЕТ
Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството, известија дека не номинираа предлог член и негов заменик на Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, а по основ на распишаниот јавен повик согласно член 14 од Законот за Судски совет на РСМ поради несоодветното и незаконско постапување на Судскиот совет, вопретходниот период, со што ја загуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе го унапреди угледот на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите.
Како и изминатиот месец така и овој повеќето бистри настани се поврзани со активностите на Министерството за внатрешни работи кое информираше за реализирани случаи и поднесени кривични пријави за кривични дела од областа на корупцијата.
Со ваквата зголемена реализација на МВР граѓаните се охрабруваат да пријават случаи на барање и примање поткуп и други дејствија на коруптивно однесување.
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ЗАМЕНИК КОМАНДИР НА ШУМСКА ПОЛИЦИЈА, ДВАПАТИ ПОСТАПИЛ СПРОТИВНО НЕГОВИТЕ ОВЛАСТУВАЊА
Полицијата поднесе кривична пријава против заменик командир на Шумска полиција, Д.Т.(58) од Демир Хисар, осомничен дека во два наврати постапил спротивно на неговите овластувања.
НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈАТА – ОПШТИНА БИТОЛА ГИ ПОВИКА ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ПОСТАПАТ СОГЛАСНО ЗАКОНОТ
Криминалистичката полиција на СВР Битола до ОЈО, ќе поднесе кривична пријава против вработен во Општина Битола, како инспектор во инспекторатот за контрола на патниот сообраќај, за примање на поткуп, Општина Битола, ги повикува и поддржува надлежните институции да преземат соодветни мерки и да постапат согласно важечките закони во Република Македонија.
КОМАНДИР НА ТЕТОВСКА КАСАРНА ПОТТИКНУВАЛ ПРИМАЊЕ ПОТКУП, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОКРЕНА ИСТРАГА
Основното јавно обвинителство Скопје донело Наредба за спроведување истражна постапка против 45-годишен жител на Тетово, вработен во Министерство за одбрана како командир во тетовска касарна, бидејќи постои основано сомнение дека поттикнувал кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 во врска со член 23 од Кривичниот законик.
ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ДОБИЈА КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното обвинителство поднесе кривична против полициските службеници С.Д. и Х.С., вработени во СВР Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “примање поткуп” по член 357 од КЗ.
ТУРЧИН ДАВАЛ ПОТКУП ВО МАКЕДОНИЈА – ГО УАПСИЛЕ НА ГРАНИЦА
На граничен премин „Долно Блаце“ од полициски службеници е лишен од слобода е А.Н.А.(38) од Р.Турција, со дозвола за престој во државава, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „давање поткуп“, казниво по чл.358 од Кривичниот законик.