„Бистро-матно“: БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец ноември 2023 година

од Nikola Popovski
226 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ НОЕМВРИ 2023 година

Нема напредок во борбата против корупцијата

1. ЕК бара реформи и резултати:Судството останува слаба точка – Во најновиот извештај на Европската Комисија се нотира дека треба да се спроведат реформите поврзани со ЕУ, жестоки се и критиките за судството, недоволната борба против корупцијата, злоупотребата на ЕУ знаменцето…

САД реагираше, се чека реакција на државата

2. На црната листа на САД ставени и Самсоненко, сопругата Ирина и Ратка Камчева – Американското Министерство за финансии стави неколку нови лица од Западен Балкан на црна листа поради корупција, од кои три се од Македонија, и тоа рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, кој беше ставен на оваа листа на 19 јули годинава. Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека Самсоненко има двојно државјанство, на Русија и Македонија.

Уште еден шеф на јавно обвинителство кое гони организиран криминал разрешен!

3. Вилма Русковска разрешена од јавен обвинител, Советот на ЈО гласаше едногласно – Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска веќе не е јавен обвинител. Советот на јавни обвинители едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката, откако против неа и уште две нејзини колешки беше поведена дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година.

Недостига реакција по иницијативите на ДКСК

4. ДКСК поднесе иницијативи за кривично гонење на в.д директорот на Агенцијата за филм, за сегашниот и за поранешни градоначалници на Радовиш – Државната комисија за спречување на корупција одлучи да поднесе иницијатива за одговорност до Владата и за кривично гонење за несовесно работење и трошење на буџетски средства на директорот на Агенцијата за филм. Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска го образложи случајот со Агенцијата за филм, ревизорските извештаи за финансиското работење на Агенцијата и документите што се проверувани. Таа истакна дека Владата треба да ги слуша нивните препораки и да ги препрочитува ревизорските извештаи.

Последиците на измените на Кривичниот Законик продолжуваат…

5. Наместо за „злоупотреба на службена положба“, Мијалков ќе одговара за помало кривично дело „Пречекорување на овластувања“ – Обвинителството го измени обвинителниот акт за случајот “Трезор”, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Наместо за злоупотреба на службената положба, обвинителот Трајче Пеливанов побара обвинетите да се судат за пречекорување на границите на своите службени овластувања. Ова следува по неполни два месеци од измените и дополнувањата на Кривичниот законик. Измените на КЗ ја запреа и кривичната постапка за случајот „Траекторија“ – Груевски, Јанакиески и Пешевски нема да одговараат за кинеските автопати – Измените во Кривичниот законик ја запреа кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство, а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
„ТНТ“ оди во историјата: Апелација го укина, вината ја гледа кај Кривичен оти решение носеле разрешени поротници – Апелациониот суд: Постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ – 157/22, во јавноста познат како ТНТ, Апелациониот суд Скопје на нејавна седница на ден 16.11.2023 година, ги уважи жалбите на обвинетите Ј.М. од С. и Е.Н. од С. изјавени против Решение за исправка на Основен кривичен суд Скопје од 01.09.2023 година и истото го укина.
Обвинителството изврши измена на обвинението во „Талир“, застаре „Злоупотреба на службена положба и овластување“ на Миле Јанакиески – Обвинителката Ленче Ристовска, на рочиште за случајот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, “Талир“ во Основниот Кривичен Суд Скопје, изврши измена на обвинението поради измените на Кривичниот Законик, со која што застарува делото „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Потребна е одговорност на постапките!

6. Обвинителството шест години чувало предмет во фиока, а судијка безуспешно го судела четири години по што застарел – Судскиот совет ја прифати како основана претставката од граѓанинот Драган Јакимов кој до Министерството за правда се жалел на бавното постапување на правосудните институции поради што застарел предметот против физички и правни лица, во кои тој е оштетен, односно добил тешка повреда на работното место. Повредата се случила во јули 2012 година, а Јавното обвинителство поднело обвинителен предлог дури во 2018 година! Една судијка во Кривичниот суд го судела неуспешно предметот четири години, а во 2022 го презела друга судијка, која одржала три рочишта, по што во јули 2022 година настапила апсолутна застареност! Граѓанинот Јакимов се жалел во Министерството за правда на постапките на Обвинителството, на Државниот инспекторат за труд и на Кривичниот суд. Судскиот совет ќе бара одговорност.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ НОЕМВРИ 2023 година

1. Синдикатот на полицијата во Македонија поднесе кривична пријава против МВР и одговорни лица – Синдикат на Полиција во Македонија – СПМ до ОЈОГОКК поднесе кривична пријава против помошник на министер во оддел за општи и заеднички работи, началник на сектор за набавки, менаџмент и логистика, началник на одделение за јавни набавки и примена на стандарди во МВР, други одговорни лица во Министерството за внатрешни работи и против правно лице „Министерство за внатрешни работи“ заради основано сомнение дека пријавените сите заедно како одговорни лица сториле кривично дело „Повреда на правото од социјално осигурување“ по член 167 ст.1 и став 2 од КЗ и/или други кривични дела кои се гонат по службена должност.

2. Обвинителството отвори предмет за спорните легализации на дивоградби во Чаир – Постапката се отвора по допрен глас, односно по сториите во кои „360 степени“ недвосмислено покажа дека објекти изградени во последниве неколку години биле легализирани како да се изградени најдоцна до март 2011 година. Наидовме дури и на примери кога, апсурдно, барањето за легализација е поднесени уште пред да почне да се гради објектот за кој се бара легализацијата. Државната комисија за спречување на корупцијата има донесено одлука за покренување иницијатива до надлежното Основно јавно обвинителство за поведување кривична постапка против градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и овластен градежен инспектор поради основано сомнение за „злоупотреба на службена положба и должност“ уште на 03.02.2023 година. Антикорупционерите сметаат дека постои основано сомневање дека со непостапување на градоначалникот на општина Чаир и овластениот градежен инспектор за изградба на објект на улица „Војдан Чернодрински“ во општината овозможиле прибавување корист за друго лице со незаконско градење.

3. Кривична против вработен во „Македонски пошти“, ја злоупотребил својата положба и присвоил над 3 милиони денари Кривична против вработен во „Македонски пошти“, ја злоупотребил својата положба и присвоил над 3 милиони денари. ОВР Дебар поднесе кривична пријава против 29-годишниот Е.М. од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, извести МВР. „Тој, во текот на 2023 година, како вработен во АД „Македонски пошти“ – подружница во Општина Центар Жупа, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на своето службено овластување, од сметката на акционерското друштво извршил неовластено присвојување на парични средства. Со тоа, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 3.095.358 денари“, соопшти МВР.

4. Кривични против вработени во Шумското стопанство „Лопушник“-Кичево, предизвикале штета од 334.758 денари – Кривични против вработени во Шумското стопанство „Лопушник“-Кичево, предизвикале штета од 334.758. ОВР Кичево поднесе кривична пријава против 64-годишниот З.К. и 39-годишниот С.С., двајцата од Кичево, вработени во Шумското стопанство „Лопушник“-Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, извести МВР.„Двајцата, во текот на 2022 година, со пропуштање на должен надзор во рамките на своите овластувања, овозможиле двојно книжење и двојно плаќање на фактури кон правен субјект од Скопје, со што на ЈП „Национални шуми“ му предизвикале штета од 334.758 денари“, соопшти МВР.

5. По акцијата на финансиската полиција, ОЈО Битола отвори истрага за даночно затајување – Основното јавно обвинителство Битола донело наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за продолжено кривично дело – Даночно затајување од член 279 став 2 од Кривичниот законик, додека второто му помогнало при извршување на делото. Како што соопшти утрово Јавното обвинителство, осомничениот 62-годишен сопственик и управител на правно лице во Битола, со помош на осомничената 41-годишна вработена, избегнал плаќање на данок на добивка и противправно ја намалил обврската за ДДВ на правно лице.

6. Приведен инспектор од Државен пазарен испекторат поради примање поткуп – Полицијата го привела триесет и тригодишниот К.Ѓ. од село Подареш, радовишко, вработен во Државен пазарен инспекторат поради сомнение за „примање поткуп“. Според пријавеното, инспекторот од двајца жители на радовишко примил 3000 денари, кои претходно ги побарал од нив за да не констатира прекршок согласно Законот за изменување и дополнување на законот за забрана и спречување за вршење на нерегистрирана дејност, односно за да не преземе службено дејствие кое бил должен да го изврши. Во моментот кога е лишен од слобода, кај него се пронајдени парите кои ги примил како поткуп.

7. Кривична за две лица: Изградена гаража за паркирање на автобуси, без одобрение – СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.Н.(72) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење и против Л.Т.(59) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Слични содржини