Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестии, Фатмир Битиќи, придружуван од Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, денска преставуваше на одбележување на 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи: Никогаш повеќе!. Одбележувањето е во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, а под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.
На одбележувањето свое обраќање имаше вицепремиерот Битиќи кое ви го праќаме во целост:
„ 7144 Евреи, од ова место, каде што сега стоиме, пред 80 години, засекогаш ги нема. Нивниот живот заврши. Брзо, сурово, непотребно. Заврши поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други. Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори.
Пред безмилосно да бидат убиени во логорот Треблинка, нивното тело и човечко достоинство беше кршено, ослабнато, изгладнето, поразено, слободата и идентитетот заробени. Но духот, не умира. Тој живее со оние и за оние кои се сеќаваат на нив, кои ги носат во умот и душата, оние кои со непокор застануваат пред злото и велат, доста е. Од тој непокор се изнедрува надеж за иднина и слобода, еднаквост, правичност и праведност.
Денеска се сеќаваме на сите нив, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот.
Се сеќаваме, за никогаш да не се повтори. Слава им!