Битиќи: Инфлацијата бележи тренд на опаѓање, цените на храната ќе продолжат да паѓаат

од Vladimir Zorba
94 прегледи

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во гостувањето во ТВ21, кажа дека инфлацијата бележи тренд на опаѓање.

-Трендот започна во октомври и тоа е убава новина што сите ја гледаме, односно дека економските движења укажуваат дека има активности со кои инфлацијата паѓа и што е добра информација за сите. Во овој период и покрај сите одредени мерки за помош и на стопанството и на граѓаните, за жал тенденцијата за раст на цени продолжи и рековме дека мора да се стави крај. Интересот на граѓанинот мора да биде на прво место. Затоа донесовме одлука за замрзнување на цената на основниот прехранбен производ- лебот, рече Битиќи.

Тој додаде дека на вчерашната владина седница била донесена уште една одлука која дополнително ќе помогне во оваа насока.

-Ги укинавме царинските давачки за тестенини и одредени производи коишто влегуваат во палетата на основни прехранбени производи коишто сметаме дека дополнително ќе придонесе наредниот период да има намалување на цените, истакна Битиќи.

Според него, трендот на замрзнување на цени ќе продолжи. Тој очекува намалување на цените на млекото и млечните производи, бидејќи, како што кажа, за дел од производите цените се вештачки зголемени.

-Се додека гледаме неморално и неетичко однесување на пазарот од било кој субјект, ние тоа не можеме да го дозволиме и граѓанинот мора да се заштити, кажа вицепремиерот.

Слични содржини