Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во емисијата Zoom in на регионалната телевизија Bloomberg Adria на која говореше за потребата за увоз на работна сила како неминовно решение за недостигот на работна сила со која се соочува нашата земја.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека веќе е дојдено време да ја отвориме дискусијата за потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд.
Во разговорот, Битиќи рече дека додека веќе работиме на доквалификација и реквалификација на одредена група невработени во Северна Македонија за истите да ги прилагодиме на потребите на пазарот, дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.
„На пазарот на труд има недостаток на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст”, рече Битиќи.
На прашањето дали во тие 14 посто невработеност не може да ги најдеме квалификуваните кадри кои што ги бараат компаниите, и оттаму да ги земат наместо да се бара увоз на работна сила, вицепремиерот одговори дека примарно работната сила ја бараме од тие кои се активни баратели на работа, но констатација на сите, е дека се уште имаме недосток на работна сила но и во некои сектори пецифично квалификувана работна сила.