Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој присуствуваше на Состанокот на Националниот совет за безбедност, истакна дека денеска се потврдени државните интереси и консензуалниот став дека оваа зима ќе биде тешка, но решение има и државата и целиот систем е ставен на располагање.
-Струја и топлинска енергија е обезбедена за граѓаните и малите потрошувачи, до крај на сезоната и тоа од домашно производство. Граѓаните нема да го почувствуваат ценовниот шок на сметките за струја, затоа што државата веќе субвенционира над 80% од сметките за граѓаните со мерките кои ги воведовме пред неколку месеци, што од денешен аспект се покажаа како исправни и навремени, посочи Битиќи.
Тој напомена дека поддршка ќе добијат и компаниите кои се на слободен пазар, иако тие се наоѓаат на истиот со либерализација на пазарот на струја, сепак нема да бидат оставени во оваа криза и набрзо ќе добијат помош.
-ЕСМ оваа година го зголеми производството на струја за 25% и доколку нема поголеми проблеми со системот, тоа ќе биде доволно. Се надевам дека оваа лекција нема да биде брзо заборавена, туку дека јасните државни интереси, како сега така и во иднина ќе ни бидат во фокусот и нивната реализација ќе биде приоритет, без разлика кој е одговорен за државата во моментот. А тие се (но, не само) – енергија, храна, вода и образование, напиша Битиќи после Советот за национална безбедност.