Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, денес, на покана на Градежниот институт Македонија (ГИМ) и на компанијата Макстил, присуствуваа на настан, на којшто беше презентиран заедничкиот проект на ГИМ и Макстил, наречен „Cinderela”, комплексен истражувачки и иновативен проект, финансиран од програмата „Хоризонт 2020″ на Европската Комисија, базиран на можностите за намалување на урбаниот индустриски отпад, кој има за цел развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање пред присутните нагласи дека циркуларната економија е еден од начините како да се максимизира употребата на расположливите и ограничени природни ресурси и да се обезбеди одржлив економски раст и развој, и притоа да се редуцира емитувањето на јаглерод диоксид.
„Им благодарам на претставниците на ГИМ и Макстил за заедничкиот труд, а задоволен сум со тоа што и наши научни институции и компании се вклучени во вакви, за наши прилики, револуционерни проекти, кои се на еден начин зачеток на циркуларната економија, која има огромен потенцијал во Република Северна Македонија. И денеска сум навистина среќен, што конечно, приватниот сектор почна активно да зборува за циркуларната економија и на дело се покажува дека се може. Сепак жалам, што како држава доцниме десетина години во овие процеси”, рече вицепремиерот.
Битиќи додаде дека доколку сакаме интензивен и одржлив економски развој на земјата, за кој сите чинители несомнено се залагаат и се посветени кон таа цел, мора да се инвестира и да се воспоставуваат соработки, по примерот на соработката помеѓу ГИМ и Макстил и да се поттикнува циркуларната економија.
„Практично, преку циркуларната економија, она што се гледа како отпад, како бескорисно, би можело да стане секундарен ресурс и да добие нова, додадена употребна вредност. Тоа ќе придонесе за поздрава и почиста животна средина, пониски емисии на стакленички гасови, истовремено намалувајќи ги трошоците на бизнисите и паметна употреба на достапните природни ресурси. Денеска имаме еден успешен пример, но во нашата земја имаме и низа на други примери коишто не се искористуваат. За сегментот на циркуларната економија треба да зборуваме отворено и за сите други сектори. Во енергетика каде ги имаме РЕК Битола и РЕК Осломеј, за рудниците, во земјоделството, со особен фокус на сточарството. Еден податок укажува дека во секторот сточарство на светско ниво, се произведува околу 14,5% од вкупните стакленички гасови, метан, јаглерод диоксид, нитро-оксиди и други. Таму има навистина голем потенцијал. Во јаловината и пепелта која е во РЕК Битола и во РЕК Осломеј, навистина постои огромна можност за циркуларна економија и пракса за циркуларната економија, коишто може да се употребат во градежништвото. Затоа, сметам дека денес е моментот отворено да зборуваме за се што се нуди како можност”, потенцираше вицепремиерот Битиќи и додаде дека развојот на циркуларната економија ќе биде составен дел од Националната развојна стратегија, која ќе треба да го трасира развојниот пат на Северна Македонија за наредните 20 години.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини нагласи дека го поздравува овој проект кој се реализира токму во моментот кога МЖСПП и Владата го трасираат патот кон воспоставување на циркуларна економија во државата.
„Овој проект е конкретна апликација на она што ние го планираме во реформата во секторот отпад: селектирање, реупотреба, рециклирање и преработка. Една од клучните алки во овој ланец која ја обезбедивме ние како министерство, е статусот на секундарна суровина. Добро е кога политиката и праксата се следат и кога развојните политики наоѓаат своја потврда во реалноста. Овој бизнис модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој и градба „Cinderela” покажува дека тоа е можно. Да се искористи секундарната индустриска суровина како градежен материјал е одличен проект за намалување на количините на депониран отпад и ги заштитува примарните ресурси и во исто време дава поевтино и побрзо решение за реконструкција на патиштата. Значи, имаме домашно решение за троската што е нус производ на топењето на старо железо, при што ја користиме како замена до 20% за цемент, асфалтирање и тампонирање на улици, паркинзи и слично “, подвлече министерот Нуредини.
Проектот „Cinderela” го презентираа генерлниот директор на ГИМ, Влатко Иванов, претседателот на одборот на директори во Макстил Димитар Цветковски и проектниот менаџер во ГИМ, Златко Илиовски, а истиот се реализира од конзорциумот на тринаесет извонредни истражувачки институции и организации од седум европски земји: Словенија, Италија, Србија, Шпанија, Полска, Холандија и Северна Македонија, структуриран во 6 локални демонстративни активности и неколку организациски структури, меѓу кои е и Градежен Институт Македонија, кој за потребите на проектот има склучено Договор за деловно техничка соработка со Макстил АД Скопје.
Како дел од пилот-демонстрационите простори на проектот „Cinderela” воспоставени се постројки за обработка во Марибор (Словенија), Мадрид (Шпанија) и Скопје (Северна Македонија). Со инсталација на овие постројки, целта е да се демонстрираат техничките, технолошките и административните можности за обработка и користење разни нештетни материјали, како и некои други видови секундарни суровини за производство на оддржливи градежни производи.
Очекуваното влијание на проектот „Cinderela” е да ги намали негативните влијанија на индустријата и градежништвото врз животната средина. На тој начин ќе им помогне на градежните компании да ја зголемат својата конкурентност нудејќи оддржливи услуги. Позитивното влијание врз животната средина ќе стане реалност преку понудата на проверени решенија за намалено користење примарни суровини и реупотреба на отпадот и секундарните индустриски суровини како материјал со нова вредност.