Битиќи: Компаниите нема да задоцнат со апликациите, ако Собранието во следните 10 дена го усвои петтиот пакет мерки

345 прегледи

Ако се заокружи собраниската процедура и во следните 10 дена биде изгласан петтиот пакет економски мерки, компаниите нема да задоцнат со апликациите за финансиска поддршка, посочи денес вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Друг модалитет нема, нагласи Битиќи, освен Собранието најпрво да го донесе законот, за потоа тој и да се спроведе.

Меѓудругото, Битиќи објасни дека законското решение за поддршка на платите било испратено пред 15 дена до Собранието, поради што и се сметало дека има доволно време да биде донесено.

„Кога го креиравме законското решение за финансиска исплата на плати, поучени од претходните искуства, негативни, за жал, направивме за финансиската поддршка за февруари компаниите да можат да аплицират во целиот период од март. Тоа значи дека нема да има законски – мора да аплицирате до 10 март за да добиете финансиска поддршка. И затоа чекаме. Дури денеска ако законот влезе во собраниска процедура, на комисија, а во наредните 10 дена да се изгласа, компаниите ќе бидат навреме со нивните аплиакции, со тоа што ќе може да падне одреден товар врз нив да мора да ги платат платите во овој временски период па ние да им вратиме одредни средства, но тоа е начинот кој сметавме дека е најрелевантен за да го покриеме и февруари. Ако тоа не се случи, навистина ќе жалам, но мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде малку поголема од нивните дневно-политички агенди“, посочи Битиќи.

Истовремено, потсетува дека и други законски решенија кои претходно, во ноември и декември 2020 беа доставени во собраниска процедура, не биле ставени ниту на комисија, ниту на пленарна седница.

Слични содржини