Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот, кажа вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Тој вели дека скоро секогаш кога зборуваме за миграција ја слушаме и кажуваме реченицата „да ги задржиме младите дома“.
– Верувам дека секој во оваа просторија кој е родител или некогаш бил млад знае дека да ги задржиш било каде не е никогаш опција. Затоа сметам дека младите не треба да ги задржуваме туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот, посочи Битиќи на конференцијата на која се промовираше извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ во организација на ОЕЦД.