Имаме доволно аргументи за да побараме шест месеци период на енергетска криза, бидејќи сметам дека граѓаните заслужуваат соодветно да бидат испочитувани со соодветни мерки за најмалку да ја почувствуваат кризата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на собраниската комисиска расправа по владиниот предлог да продолжи кризната состојба до 30 април 2023 година.
Според Битиќи, прогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со кризата.
– Треба да се побара кризна состојба во подолг временски период за да се креираат механизми за справување со евентуалната енергетска криза чиј извор не сме ние од Владата, туку е глобален феномен. Светските предвидувања се дека кризата ќе трае најмалку до пролетта следната година, рече Битиќи.
Вицепремиерот рече дека доколку Собранието одлучи оти не треба да се продолжи кризната состојба, во тој случај можноста навремено да интервенираат ќе биде невозможна.
Битиќи исто нагласи дека многу подобро се снаоѓаме во период на енергетска криза отколку земјите во регионот. За наша среќа, како што рече, нашите граѓани и стопанственици досега немаат минута недостаток на електрична енергија освен во регионите каде може да има одредена хаварија.