„Ова е економска мерка и кога носиш таква, треба да станеш конкурентен во целиот Западен Балкан, но и на светско“, објасни вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, објаснувајќи ја една од мерките во шестиот пакет, за бесплатни ПЦР-тестови за странските туристи, кои ќе дојдат да летуваат во земјава.
Битиќи најави дека земјава веќе размислува за воведување и на „Safety Travel“, што значи меѓународно признат сертификат, дека кај е безбедно да се патува.
„Тоа го правиме како активност со стопанските комори“, вели Битиќи, дополнувајќи дека за бесплатните тестови за туристите, се воделе според тоа што, „нашите граѓани не ги наплаќаат услугите во јавното здравство, односно дека е покриено од државата“.
„Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено“, рече Битиќи.
Вицепремиерот очекува годинава земјава да ја посетат 50.000 странски туристи.