Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции заедно со премиерот Зоран Заев и повеќе членови на Владата, и во присуство на повеќе претставници на бизнис секторот, денеска, присуствуваше на промоција на Швајцарската програма за соработка со Северна Македонија 2021 – 2024, каде учествуваше и се обрати на панел дискусијата насловена „Како може новата швајцарска програма за соработка најдобро да ги поддржи реформските приоритети на Северна Македонија во рамки на нејзината агенда „Европа дома?”.
Во оваа насока, вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што во новата програма за соработка во Швајцарија 21 – 24, се препознаени истите приоритети како и оние на Владата и тоа создавање работни места, одржлив раст и дигитализација.
„Продолживме да инвестираме во енергетика како еден од нашите главни приоритети, затоа, воспоставени се неколку стратегии за енергија, енергетска ефикасност и обезбедување стабилност во снабдувањето со енергија за сите. Ние продолжуваме да инвестираме во позелена иднина, обновливи извори на енергија и опции за енергија”, нагласи Битиќи, додавајќи дека одржливиот раст на приватните бизниси обезбедува пристојни и инклузивни можности за вработување.
Тој посебно акцентираше дека индустриите што произведуваат нови вредности и генерираат инвестиции беа поддржувани пред кризата, но уште повеќе тие се поддржани сега, бидејќи новосоздадените работни места можат да ги вратат невработените луѓе, кои останаа без работа поради КОВИД 19, на пазарот на трудот.
„Само што се вратив од официјалната посета на Швајцарија каде се сретнав со неколку потенцијални партнери и инвеститори. Но, исто така, започнавме разговори и ќе продолжиме да напредуваме во создавањето на билатерална македонска и швајцарска економска комора што ќе ја зајакне нашата соработка и ќе отвори повеќе можности за нашиот бизнис”, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.
Битиќи информираше дека при крај е првата фаза, по што ќе следува втора фаза, на Националната стратегија за развој, на нашата земја во следните 20 години, стратешки документ, кој ќе го отвори патот за нашата земја и ќе создаде визија за следните две децении.
„Оваа Национална стратегија за развој ќе биде упатство за креирање на политики, како и за нашите приоритети како Влада, но исто така ќе даде и поширок поглед на меѓународната донаторска заедница, како правец во кој треба да се движат приоритетите на нашата земја”, заклучи вицепремиерот Битиќи изразувајќи благодарност на амбасадата на Швајцарија и амбасадорката, Н.Е. Сибил Зутер Техада, за организацијата.
Вицепремиерот Битиќи изрази благодарност и на шведскиот народ и Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), која е дел од Сојузното министерство за надворешни работи и Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО), надлежни за економските програми и развојната економска политика во однос на животната средина, намалување на сиромаштијата и економскиот развој.
Соработката со Швајцарија, еден од наголемите билатерални партнери на нашата земја трае од 1992 година и се темели врз швајцарската традиција на солидарност и одговорност и е дел од комплетната грижа која оваа земја ја посветува за стабилност и просперитет на Западен Балкан.
Програмата за соработка 2021-2024 ги следи реформските процеси на Северна Македонија, кои се насочени кон Евро-атлантската интеграција и кон постигнување на Целите за одржлив развој, со фокус на демократското управување, одржливиот економски развој, животната средина и одржливите услуги на јавните претпријатија, вклучително и родовата еднаквост, социјалната инклузија и дигитализација и се имплементира преку заеднички проекти кофинансирани со Владата и меѓународни организации и приватниот сектор.