Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи попладнево информираше дека официјалните статистички бројки за движењето на целата економија во третиот квартал од 2021 бележат раст на БДП од 3,0%, со што стапката на раст за првите три квартали во 2021 е 4,6%, и истата е на нивото од планот и проекциите за раст на економијата за цела 2021 година од 4,1%.
Според него, ваквиот раст го бележиме во кварталот кога нашиот најголем економски партнер Германија, кон која остваруваме скоро половина од извозот на државата, бележи раст на БДП од 2,5% и се уште е под негативно влијание на пандемијата и нарушените синџири на снабдување.
-Иако БДП не секогаш ја дава целосната слика и јас не сум поборник да се водиме само по него како показател, сепак бројките не лажат. Имаме пораст, имаме заздравување на економијата проследено со константно зголемување на платите, и ова секако е показател дека сме на правиот пат и дека во последните две години спроведуваме соодветни економски политики, објасни Битиќи.
Тој додава дека гледано по сектори, од претходно споменатите причини, најголем пад од 5,8% имаме кај „Преработувачка индустрија“, додека најголем раст во третиот квартал од 11,0% бележи секторот „Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“.