„Не сметам дека ќе се дестимулира домашниот туризам. Секако тоа се предвидени трошоци, односно сумата која што беше одредена, е дадена од ЈП за државни патишта, кое што стопанисува со патарините“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Според него, анализите на Препријатието од претходните години за бројот на посетители со српски регистарски таблички, укажале дека скоро 3 милиони евра ќе чини помалку приливи за „Државни патишта“ и дека во суштина, тоа не се пари за картички, туку надокнада на тоа што ќе се изгуби како приход.
„Тие средства одат на одржување на патиштата и нови инвестиции“, додаде Битиќи.
Владата ќе потроши 2,8 милиони евра за ослободувањето на српските граѓани од патарини низ Македонија во текот на туристичката сезона. На влез во земјава тие ќе добиваат електронска картичка на која ќе има кредит од 760 денари, кои се доволни да се стигне од Табановце до Гевгелија и назад. Српските граѓани ќе бидат ослободени од плаќање патарина во земјава од 15 јуни до 15 август. Ќе бидат изработени 200 илјади вакви картички, а изработката ќе чини 100 денари за картичка, односно околу 350 илјади евра.