„Искрено жалам што во периоди секоја добра иницијатива има лоши претпоставки. Не мора да значи дека ќе се случи нешто лошо“, вака вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи ја коментира иницијативата на Антикорупциската комисија до Устанивот суд за оценување на уставноста на Законот за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10.
Според него, ова се битни инфраструктурни зафати за економскиот развој.
„ДКСК дава предлози, а ние како Влада не би сакале да прејудицираме за одлуката на Уставниот суд. Нема да направиме ништо спротивно на законските одредби. Законот ни дава рамка во разговорите. Евентуално раскинување на договорите со американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ нема да има негативни импликации“, информира Битиќи.
Државната комисија за спречување на корупцијата достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија, со посебен предлог за издавање времена мерка за стопирање на неговата примена се додека судот не се произнесе.