Битиќи: 3,5 милијарди евра за повеќе јавни капитални инвестиции

од Vladimir Zorba

„Јавните капитални инвестиции имаат важна улога за економскиот раст и развој, за компаниите да може непречено да работат. Преку вложување во инфраструктурата, во транспортните мрежи, во комуникациските системи, бизнисите ќе добијат поддршка за непречено да се развиваат, да остваруваат профит и да вработуваат. Пред нас се четири години, време е за повеќе и за подобри јавни инвестиции, затоа новата Влада на СДСМ ќе вложи 3,5 милијарди евра“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“, на денешната прес-конференција која ја одржа во населбата Волково, во Скопје.

Тој појасни дека идната Влада предводена од СДСМ нема да се задолжува за жални врби и стиропорни фасади. како што ВМРО-ДПМНЕ го правеше тоа цели 11 години, туку за финансирање на инвестициски проекти.

„Парите на граѓаните ќе се вложуваат таму каде што ќе има најголеми позитивни ефекти за нив и за бизнисите. Во 400 капитални проекти за подобрување на комуналната инфраструктура низ целата држава, во нови градинки и училишта, во здравството. Домаќински ќе ги трошиме јавните пари со цел да создадеме услови за ревитализирање на локалните индустрии низ целата државата, за нови домашни и странски инвестиции“, рече Битиќи.

Тој додаде дека изминатите седум години СДСМ покажа дека е партнер на бизнисот и на тој начин ќе продолжи и во наредните четири години, притоа најавувајќи дека нема да има промени во даночната политика во делот на ДДВ-то.

„Стапките од 5 %, 10 % и 18 % на овој данок ќе останат непроменети. Уште еднаш ќе покажеме како се одржува предвидливо и стабилно деловно опкружување“, рече Битиќи.

Тој најави дека ќе се стави во функција развиениот систем на е-фактура, а со е-фискализација ќе се поедностават административните процедури, што ќе значи, како што рече тој, заштеда на време, но и пари за претприемачите.

„Процесот на фактурирање целосно ќе се автоматизира, административниот товар ќе го преземе информатичката технологија. Ризикот од грешки и даночни затајувања ќе го отстраниме, ќе имаме голема транспарентноста и точност во финансиските трансакции“, рече Битиќи на прес-конференцијата.

Зборувајќи за предизборната „Програма за европска иднина“ на СДСМ, тој најави субвенционирање на сите компании кои користат техничка помош за иновативна, зелена и дигитална транзиција, инвестираат во енергетски ефикасни згради и опрема и дигитални решенија. Во предизборната програма предвидена е и поддршка за компаниите кои спроведуваат концепти на циркуларна економија и користат алтернативни извори на енергија.

„Ќе имаме целосна имплементација на информацискиот систем за управување со државна помош (SAMIS) преку кој ќе се воспостави систем за автоматизирање на процесите поврзани со доделување државна помош“, рече Битиќи.

Коносителот на листата на кандидати за пратеници од Изборна единица 2 на „Коалицијата за европска иднина“, Битиќи, додаде дека со овој систем, вклучувајќи го и веќе воведениот прв дигитален асистент АДА (заснован врз вештачка интелигенција), се материјализира сето она што го застапува СДСМ, а тоа е дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор и во известувањето за секоја доделена државна помош.

„Имаме знаење и програма за да обезбедиме европска иднина за нашата економија, за повеќе јавни инвестиции и нови работни места. Покажавме дека знаеме како да ги помогнеме домашните компании на транспарентен начин. Затоа, нема откажување од иднината“, порача Битиќи од Скопје.

Слични содржини