Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи оценува дека „пи-арот на Владата не се совпаѓа со реалноста, бидејќи се прават селективни споредби“.
„Garbage in, garbage out (GIGO) – кога во економската дебата се внесуваат селективни споредби, самопофалби и бројки без контекст, на излез добиваме лажна „четврта економија во Европа“. А во однос на она што граѓаните го чувствуваат, Македонија е 82-ра по квалитет на живот.
Ова е разликата меѓу ПР приказната на Владата и реалноста во која живеат граѓаните.
Во таков контекст, расправата за 600 евра минимална плата не е прашање на „впечаток“, туку на достоинствено вреднување на трудот. Под таа граница, државата практично порачува дека е нормално човек да работи цел месец и сепак да остане сиромашен“, стои во објавата на пратеникот.
Според податоците прикажани во инфографиката „Квалитетот на животот на Балканот“, Македонија се наоѓа на 82. место во светски рамки, што ја позиционира на дното меѓу балканските земји. Истражувањето, чиј извор е The Geographic Lens, ги споредува државите врз основа на повеќе индикатори поврзани со животниот стандард, економските услови и општествената благосостојба.
Во споредба со останатите земји од регионот, Македонија заостанува значително. На пример, Словенија е најдобро рангирана балканска земја и се наоѓа на 22. место во светот, додека Хрватска и Грција се на 40., односно 41. место. Дури и земји со слична економска историја, како Србија (65. место) и Бугарија (68. место), се позиционирани подобро од Македонија.