Сметам дека тогаш требаше да се има храброст и доблест за да се влезе во реални реформи во правосудниот систем, без разлика која е цената. Менувањето на кадри од еден непослушен во друг послушен не е реформа и нема да ги убеди 96% од населението кои што не веруваат во тој правосуден систем дека нешто ќе се смени, вели пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи откако Владата даде зелено светло за разрешувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Според него, реформите треба да ја зголемат довербата во една независна власт затоа што очигледно ни се потребни во справувањето со сите предизвици кои ни доаѓаат понатаму.
-Како со предлогот за интерпелација за Судскиот совет, така и овде не сметам дека е решение парцијалниот начин и именувањето на кадровското решение затоа што тоа не наликува на ништо различно на она што сме го гледале изминатите 33 години, истакна Битиќи во емисијата „Само вистина“ и додаде:
-Кадровските решенија не се проблем во правосудниот систем туку целиот систем е. Треба да има систем со воспоставени механизми на контрола и на судии и обвинители за да ние не разговараме. Ние не сме повикани. Внатрешниот систем треба да се изнесе и да каже. Ни требаат вистински решенија.
Откако предлогот за смена на Коцевски помина на владината седница, ќе се достави до Советот на јавните обвинители, кои имаат рок од 15 дена и уште дополнителни 15 за да дадат позитивно или негативно мислење.
Ставот на највисокото обвинителско тело не е обврзувачки за Владата која може да бара во Собранието да се дискутира за разрешување на државниот обвинител. СДСМ обвинува за партизација.
Меѓу другото, државен обвинител може да биде сменет пред истекот на мандатот ако стори тешка дисциплинска повреда.
По најавите за разрешување, Коцевски се изјасни дека работел законски и во оваа фаза нема да поднесе оставка. Остави можност да се повлече од функцијата, ако процени дека аргументите на владата за негова смена се издржани, а тоа ќе го направи откако ќе го разгледа предлогот за разрешување.