Битиќи: Градинките не се само градежен проект, туку инвестиција во потенцијалот на секое дете

од Nikola Popovski
223 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во пресрет на Меѓународниот ден на детето 20 Ноември, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и заменик на Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Иван Митровски, учествуваше на официјалното отворање на Доградба на објект „Кокиче ” во состав на ЈОУДГ „Весели цветови ” во Општина Кисела Вода.

Во неговата изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи рече дека е среќен од можноста на Светскиот ден на детето, точно да кажеме што Владата има направено за нашите најмали.

„Грижата за секое дете е врвен приоритет на Владата. Секое дете заслужува еднаква основа и услови за развој, а пристапот до квалитетно образование од најрана возраст не е привилегија, туку право на секое дете. Според УНИЦЕФ, образованието не започнува во прво одделение, развојот на „некогнитивните вештини”, како, интелектуална љубопитност, истрајност, социјални вештини и емотивна стабилност во детството и адолесцентските години се подеднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна, при вработувањето”, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата продолжува да ги зголемува капацитетите на градинките во целата држава и да вложува во развојот на децата уште од најрана возраст, каде тие ќе бидат згрижени според најсоодветните стандарди за вршење на оваа дејност.

„Покрај доградбата на овој објект „Кокиче”, во кој Владата преку Министерството за труд и социјална политика инвестираше над 1 милион и 300 илјади денари за доградба на овој образовен објект со кој ќе се прошири капацитетот за уште 56 деца од Кисела Вода, од почетокот на мандатот на Владата во периодот од 2017-2023 година, отворени се вкупно 83 градинки или проширување на градинки низ целата држава, со кои е зголемен капацитетот на деца за околу 8.000 нови места”, изјави вицепремиерот Битиќи и додаде дека во моментов од 80 општини колку што има низ цела држава, во 75 од нив имаме отворени градинки, а со новата градинка која ќе се отвори во Арачиново, оваа бројка ќе биде 76.

„Градинките не се само градежен проект, туку инвестиција во потенцијалот на секое дете. Инвестираме во секое дете! Градиме едно општество за сите”, заклучи Битиќи.

Слични содржини