Битиќи и Бектеши на средби во ЕБРД: Банката е еден од најголемите поддржувачи на инфраструктурни проекти во земјава

од Nikola Popovski
249 прегледи

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Лондон остварија средба со генералната директорка во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за одржлива инфраструктура, Нандита Паршад.

На состанокот на кој присуствуваше и генералниот директор на НОМА Гас, Бајрам Реџепи, главен фокус беа активностите и проектите кои со поддршка на ЕБРД се реализираат во нашата земја, како и идните планови и проекти кои преку разни инвестициски проекти може да се поддржат во Северна Македонија во насока на реализирање на „зелената агенда”.

На средбата беше поздравена успешната соработка која нашата земја ја има со ЕБРД, како банка која е еден од најголемите поддржувачи на инфраструктурни проекти во земјава.

Во таа насока изразена е определба од двете страни дека реализацијата на проектите продолжува непречено да се одвива, независно од кризите предизвикани од војната во Украина, посебно што станува збор за реализација на важни проекти за граѓаните и државава, во областа на енергетиката, транспортот, животната средина.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши се заблагодарија за успешната соработка со ЕБРД, при што, заедно со директорот Реџепи и претставниците од ЕБРД е разговарано и за можностите за унапредување и во делот на потребната техничка поддршка и експертизи.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека Владата на Република Северна Македонија активно работи на реализација на инфраструктурни проекти во насока на забрзан раст на домашната економија и подобрување на финансиската состојба на граѓаните.

Министерот Бектеши посочи дека за Северна Македонија од клучно значење е зголемување на енергетската независност на земјата, како и забрзаната енергетска транзиција за што се заблагодари на поддршката која што ја има земјата во оваа насока, пред сѐ во поддршка на изградбата на гасниот интерконектор помеѓу Северна Македонија и Република Грција.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши ја информираа директорката Паршад за идните планови за развој на енергетска инфраструктура во земјата посебно за проекти кои се од важно значење за регионално енергетско поврзување за што најголем бенефит ќе имаат домаќинствата.

Слични содржини