Финансискиот криминал не застарува и ќе се гонат сите оние кои биле соучесници при неговото извршување, порача денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
– Оваа Влада е неприкосновена во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Од 2020 година имавме вицепремиер со надлежност за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, а сега имаме вицепремиер за добро владеење. Тоа е организиран начин како се влегува во Царинската управа, Управата за јавни приход и Државниот пазарен инспекторат за конечно да се справат со феноменот кој излезе на виделина кога донесовме одлука за замрзнување на цената на одредени видови овошје и зеленчук, рече Битиќи во одговор на прашање по денешната промоција на првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА.
Доколку се увиди дека ваквиот феномен е присутен не само на Кванташкиот пазар, туку на секаде низ државата во подолг временски период, додаде тој, институциите можат да се вратат наназад со контролите онолку колку што е потребно.
– Се што е во сегментот на инспекции не можеме да го знаеме, бидејќи би го компромитирале процесот. Кога ќе завршат истрагите и инспекциите сметам дека ќе имаме извештај со кој јавно ќе биде укажано кој прекршил одредено право што го имал и обврска за да плати данок. По тоа ќе се постапи соодветно дали со парична или со кривична одговорност, посочи Битиќи.