Битиќи: Лажно ветување на опозицијата е дека со намалување на функционерските плати, ќе се зголемат примањата во јавниот сектор

од Nikola Popovski
191 прегледи

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска порача дека е погрешно, како што рече,  очекувањето кое се креира дека со намалување на функционерските плати ќе се зголемат платите во јавниот сектор.

-И да ги намалиме платите на 1.260 именувани функционери, тоа нема да биде доволно за да се зголемат платите на 135 илјади вработени во јавниот сектор. Се користат незадоволството и штрајковите на дел од јавниот сектор и се креира нереално очекување, кажа Битиќи на прес-конференција во Владата.

Според Битиќи, ваквите нереални очекувања се производ на одредена политичка партија, за која вели, и порано креираше такви заблуди.

Тој истакна дека кое било намалување, доколку дојде до такво нешто, нема да биде доволно за да се покрие евентуалното зголемување на 135 000 вработени во јавниот сектор затоа што зборуваме за 1260 избрани и именувани лица.

Работната група, посочи вицепремиерот, веќе има одредени предлози, се уште се обидува да ги хармонизира со сите засегнати страни затоа што, како што нагласи, евентуалното намалување или интервенциите кај платите на избраните и именуваните лица се прави преку седум законски решенија.

Зголемувањето на платите за 78 отсто на над илјада функционери се случи со одлука Уставниот суд во март за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со што се одмрзнаа платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Претходно, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.

Оттогаш, основицата е просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика.

Слични содржини