Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на социјалните мрежи сподели споредба од ветувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред изборите во 2020 година дека просечната плата ќе ја направи 32 илјади денари до 2024 година, со сегашната реалност – просечна плата 40 илјади денари.
„За што и за кого ќе гласаш? За повисока плата или за Христијан од Белата палата?“ стои во објавата на Битиќи.
Пред изборите во 2020 година, Мицкоски најавуваше дека Влада на ВМРО-ДПМНЕ може да ја донесе просечната плата до 32 илјади денари и се исмејуваше со ветувањето на СДСМ за просечна плата од 34 илјади денари.
„Тука пред вас ви велам дека овие 4 години мандат можеби ќе биде најдобриот мандат, затоа што точно знам како до најмалку 25 проценти повисока просечна плата во еден мандат. Само за илустрација нашиот политички противник во 2016 ветуваше живот па 30.000 денари просечна плата и што ли уште не. Ќе го видите Заев како ја става раката на срцето и ќе ви вети 34.000 денари, а заборавил претходно што ветувал. Него му требаа 3 години за да ја зголеми платата за 3.000 денари, а сега за четири години мандат ќе ја зголемеле за 9.000 денари. Ете тоа ќе биде новото ветување на Заев“, тврдеше Мицкоски во 2020 година.
Сепак, ситуацијата во реалноста е поинаква, па за време на владеењето на Владата предводена од СДСМ просечната плата се искачи на 40 илјади денари или осум илјади повеќе од ветувањето на Мицкоски.