Битиќи на средба со Габриел од ЕИБ, разговарале за подготовките за последната делница од железничкиот коридор VIII/исток

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи оствари средба со Бјорн Габриел, од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава.

На средбата, Битиќи и Габриел направија преглед на тековните подготовки за продолжување на инвестициската и советодавна поддршка која ЕИБ и ја дава на Северна Македонија, но и за дополнителната програма за инвестиции и техничка помош од 100 милиони евра за македонските мали и средни претпријатија која е во почетната фаза и која може веднаш да биде активизирана штом го одобри Собранието.

Габриел истотака го информираше вицепремиерот Битиќи и за подготовките за последната делница од железничкиот коридор VIII/исток кои сега влегуваат во завршна фаза.

Вицепремиерот Битиќи од негова страна ја укажа важноста за изградбата на пругата на Коридорот 8, за која рече дека е од исклучително значење за нашата економија, но и за земјите од регионот, и затоа на средбата со претставникот на Европската инвестициска банка ја потенцираше потребата од финансиско заокружување на овој проект.

Битиќи и Габриел на состанокот потенцираа дека соработката меѓу ЕИБ и Владата на Северна Македонија е од конкретна корист за развојот на Северна Македонија, бидејќи како долгогодишен партнер на земјата, ЕИБ има инвестирано околу 1,1 милијарди евра во Северна Македонија од 1991 година, главно да ја поддржи клучната транспортна инфраструктура и да помогне да се обезбеди снабдување и безбедност со енергија.

Слични содржини