Битиќи не се откажува од политиката: „Влегов за да ја направам промената“

од Nikola Popovski
300 прегледи

Вицепремиерот за економски прашања и член на СДСМ,  Фатмир Битиќи се огласи на социјалните мрежи по поразот на неговата партија на парламентарните и претседателски избори.

– Во политиката влегов за да ја направам промената и додека не ја направам, нема откажување, пишува Битиќи во објавата, не откривајќи повеќе детали.

По одржувањето на парламентарните избори на 8-ми мај, Битиќи преку видео порака објавена на социјалните медиуми поднесе оставка од партиската функција.

– Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех, изјави Битиќи.

Покрај Битиќи, условени оставки од партиските функции поднесоа и Јованка Тренчевска и Перо Костадинов.

Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата. На отчениот Конгрес ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата. Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори.

Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ.

Досегашната владејачка партија претрпе пораз на претседателските и парламентарните избори. Поранешниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, кој се бореше за втор мандат на вториот круг од претседателските избори загуби од неговата противкандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, освојувајќи 251.899 гласови или  29,25 отсто, наспроти 561.000, одноно 65,14 отсто за новата шефица на државата.

Лидерот на партијата, Димитар Ковачевски вечерта на 8-ми мај порача дека изборниот резултат е разочарувачки. Според него, на СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата.

Слични содржини