Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека на 31 јули 2023 од страна на ФЦЛ Амбиенте регистрирана е арбитражна постапка против Република Северна Македонија според Правилата и Конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на Инвестициски спорови (ICSID).
-ФЦЛ Амбиенте бара надомест од Трибуналот за прекршување според Договорот за меѓусебната поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со италијанската Влада од 26 февруари 1997 година и меѓународните закони. Во оваа постапка износот на побарувања не се наведени од страна на побарувачот и истиот се вели дека ќе биде утврден во текот на постапката. Како што се наведува во известувањето за поведување на арбитражна постапка, на 21 ноември 2011 година бил распишан тендер од страна на Град Скопје, во септември 2012 година, Град Скопје издал Решение со кое го избрал ФЦЛ Амбиенте за свој партнер за инвестирање, управување и работење со депонијата Дрисла, рече Битиќи.
Тој додаде дека на 18 јануари 2013 година, ЈП Дрисла станало друштво со ограничена одговорност, Дрисла ДОО во кое ФЦЛ МК се стекнал со 80% од уделот во Дрисла ДОО, додека Град Скопје ги стекнал останатите 20%.
-Одлуката за избор на приватен партнер во Дрисла била оспорувана и предмет на неколку постапки пред Управниот и Вишиот Управен суд од страна на Шолц АГ која била второ рангирана на објавениот повик од страна на Град Скопје. ФЦЛ амбиенте ги губи постапките пред Управниот и Вишиот Управен Суд во 2017 и 2018 година со кои што беше пресудено дека Судот го поништува решението за избор на ФЦЛ Амбиенте за приватен партнер за управување со депонијата. Во 2019 година со одлука на Град Скопје е поништен тендерот за приватен партнер на градот за депонијата Дрисла. Во 2020 Дрисла ДОО повторно се трасформира во јавно претпријатие, за што ФЦЛ Амбиенте поведе постапка пред Упрвниот суд но без успех во спорот, рече Битиќи.
Тој истакна дека несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро и години по владеењето на ВМРО – ДПМНЕ ја изложуваат нашата држава на ризици и парите на нашите граѓани место да бидат употребени во развојни проекти ќе треба да се користат за одбрана на државата и нејзините интереси пред меѓународните судови.
-Во овој момент сакам да ве информирам дека веднаш се преземени дејствија и навремено се започнати сите процеси со цел соодветна заштита на правните интереси на државата и секако јавните добра, затоа што евентуалното непреземање на правни дејствија би значело евентуално губење на ваквите спорови пред меѓународните судови, за што во минатото има такви пракси, заклучи Битиќи.