Битиќи: Поттикнувањето на родовата различност не е само морален императив туку е и паметна, економска одлука

од Vladimir Zorba
324 прегледи

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на конференцијата на Жени во органи на управување Јадран, „Успешни жени за успешен регион”.

„Прифаќањето на родовата различност не е само морален императив туку е и паметна, економска одлука. Критичарите тврдат дека можеби родовата рамноправност треба да се остави на пазарот, а не на владина интервенција, но зарем е возможен прогрес без заедничко делување. Без насочени и намерни интервенции за решавање на вкоренетите предрасуди и структурни пречки, ризикуваме да го овековечиме статус квото и да го потрошиме неискористениот потенцијал на голем број талентирани жени.

Оваа Влада има веќе направено многу, но сѐ уште не доволно. И ние ќе продолжиме да работиме, заедно со вас. Законот за заштита од дискриминација, истанбулската конвенција, правичната застапеност, родово сензитивни политики и правото на еднакво вреднување на трудот се реализирани во нашата држава. Следно на што заедно ќе работиме е усвојување на директивата на Европската Унија за родово балансирани управувачки одбори, со која се предвидува 40 отсто од неизвршните директори, или 33 отсто од сите директори, ќе бидат членови на недоволно застапениот род до средината на 2026 година. Така што непоколебливо, денеска ви велам, да, поддршката и гласно говорност секогаш сте ја имале и ќе ја имате. На тоа, од мене, секогаш можете да сметате.

Сите ние, мораме да ги удвоиме нашите напори за да ги урнеме бариерите, да ги оспориме стереотипите и да создадеме пат за жените, отворен пат за да се искачите на лидерските позиции. А на тој пат, вам не ви треба охрабрување, вие веќе сте храбри, не ви треба заштита, вие не сте жртви, не треба да ви се даде шанса, вие сами ја земате. Вам жените не ви требам јас или било кој друг да ви каже кои сте, што можете и колку вредите. Вам жените ви требам јас и сите како мене, ослободен од моите генерациски натрупани предрасуди и очекувања. И ова е процес и пат на кој сите ќе мораме одново да научиме“, порача Битиќи.

Слични содржини