Владата има програма за работа до 2024 година во која се дефинирани стратешките правци и политики, а кои се во функција на унапредување на квалитетот на животот на граѓаните преку остварување мерливи ефекти за долгорочен национален развој. Уставните измени може само да ги катализираат нашите политики и да ги засилат нивните резултати. Во моментов тежиштето се поместува кон Собранието, што е и нормално за една парламентарна демократија во која законодавниот дом треба да биде носител и на одлуки кои ќе имаат и долгорочни позитивни економски резултати за граѓаните, наведува вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата, Фатмир Битиќи, во интервју за „Слободен Печат“.
„Според анкетите, 79 отсто од граѓаните сакаат државата да влезе во ЕУ, сега пратениците се на потег – дали ќе покажат политичка зрелост и ќе ја артикулираат волјата на мнозинството или своите уверувања и одлуки ќе ги засноваат на ‘аргументи’ кои се подметнуваат од надворешни дестабилизирачки центри на моќ. Граѓаните премногу време изгубија во политички нијансиран историски романтизам кој ги држи заробени во митолошкиот круг на минатото, додека пред државата постојат можности за отворање реални развојни перспективи за идните генерации“, вели Битиќи.
Тој потенцира дека мора да се трудиме политичкото однесување да го поставиме во системски рамки, вредносно да го дефинираме, да ги почитуваме основните принципи на кои е поставено функционирањето на институциите, а еден од тие е дека редовни парламентарни избори се одржуваат на четири години.
„Праксата што ја воведе Груевски, преку создавање политички драми и трауми во општеството, кои негативно се рефлектираа и врз економијата, мислам дека треба да се напушти. Независно од значењето на уставните измени, ние сме должни да градиме институционална меморија која ќе биде усогласена со принципите на стабилност и предвидливост. Инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ има функција на прикривање на отсуството на политичка зрелост за потребата од постигнување широк политички консензус кој ќе ја постави рамката на идниот развој на државата. Тие немаат што да им понудат на граѓаните, својата идеолошко-политичка истрошеност мора со нешто да ја маскираат“, заклучува Битиќи.