Битиќи, Шукова и Манолева: Со изградбата на експресниот пат Штип- Кочани се создадоа можности за подобар квалитет на животот на граѓаните од источниот регион

од Nikola Popovski
268 прегледи

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Kaja Шукова и заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, го посетија Кочани за да разговараат со граѓаните и бизнисмените за придобивките кои ги имаат од изградбата на експресниот пат Штип- Кочани.

Во неговата изјава за медиумите вицепремиерот Битиќи рече дека оваа влада ја има препознаено клучната улога што ја игра инфраструктурата во поттикнувањето на економскиот раст и подобрувањето на севкупниот квалитет на живот на нашите граѓани, и токму затоа гради автопатишта и експресни патишта, како што е примерот со експресниот пат Штип-Кочани во вредност он над 46 милиони евра.

„Овие брзи сообраќајници не само што ги поврзуваат градовите и регионите, туку и носат мноштво придобивки за економскиот напредок и просперитет на државата преку транспорт на луѓе и стоки. Со овој модерен експресен пат создадовме услови и за безбедно патување на луѓето до саканите дестинации. Придобивките од експресниот пат Штип- Кочани најдобро ги чуствуваат компаниите од Источниот плански регион, на кои им овозможивме брз транспорт на нивните стоки, но истовремено финансиски ги поддржуваме преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции за нивна поголема конкурентност на странските пазари, со што придонесуваме и за регионален развој”, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека од почетокот на законот заклучно со 2022-ра година, само во Источниот регион имаме исплатено 630 милиони денари по ЗФПИ за 3.7 милијарди денари инвестиции на 89 компании, а само во тековната 2023 година, имаме склучени нови 44 договори.

„Со реализацијата на овие нови инвестиции се покажува дека како Влада имаме изградено реален капацитет и услови за поттикнување и реализација на нови инвестиции во делот на реалниот сектор, кои отвораат нови и добро платени работни места за нашите граѓани”, заклучи Битиќи.

Министерката Шукова во својата изјава ја истакна важноста на патна инфраструктура во делот на управувањето со отпадот, бидејќи придонесува за подобра поврзаност на населените места и побрзо и побезбедно движење на возилата.

„Сакам да нагласам и дека во источниот дел од државата, во изминатите неколку години прогласивме две нови заштитени подрачја, а подобрената патна инфраструктура дава можности за развој на еко-туризам во овој дел државата и привлекување на домашни и странски туристи”, додаде Шукова.

Заменик-министерката за здравство, Маја Манолева истакна дека новиот експресен пат што ги поврзува Кочани и Штип, гледано од медицински аспект е значаен напредок во областа на здравствената инфраструктура во нашата земја.

„Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше еден час и 40 минути, сега се стигнува за помалку од еден час, а тоа е од големо значење за пациентите кои имаат закажани прегледи во Скопје, како и за итните случаи кои треба брзо и навреме да стигнат во Скопје. Кога станува збор за пациентите, добро знаете дека секоја минута е важна и патиштата што го скратуваат времето на патување имаат голем придонес за спасување на животите во одредени случаи. Освен што оваа инвестиција го намалува времето на патување и растојанието помеѓу Кочани и Штип, таа исто така ги подобрува условите за патување. Со две коловозни ленти и две ленти за застанување, новиот експресен пат овозможува безбедно и брзо движење, што е особено важно за итните случаи и превоз на пациенти”, рече заменик-министерката Манолева, притоа посочувајќи дека не станува збор само за пат, туку и за врска помеѓу здравствени установи, што го олеснува и пристапот на граѓаните до здравствени услуги.

Слични содржини