Треба да е јасно, ВМРО – ДПМНЕ ја ризикува нашата иднина, под превезот на лагата дека го штитат идентитетот. Идентитетот и јазикот се заштитени, и за тоа ги имаме сите потврди, објави вицепремиерот Фатмир Битиќи во однос на вчерашната расправа на Собраниската комисија за уставни измени, каде на дневен ред беше точката со уставните амандмани.
Според Битиќи, не е време да се молчи, затоа што лагите во моментов се шират гласно.
Вистината е – Северна Македонија во Европска Унија! Знае и Мицковски и цело ВМРО – ДПМНЕ дека нашата земја и сите нејзини граѓани се на патот кон ЕУ и од тој пат назад не треба и нема да има. Тие впрочем не ни нудат друга опција, само прават политички пазар со нашата иднина. Тоа граѓаните го гледаат и на избори верувам дека ќе го казнат, истакнува вицепремиерот.
Потенцира дека уставните измени се влезени во Собрание, уставната комисијата го поддржа предлогот за пристапување кон измени и враќање назад нема.
Враќањето назад е пат назад од веќе трасираниот пат кон ЕУ, пат кој последниве 30 години е стратешка определба, на сите. Лична одговорност мора да има, сите треба да знаеме кој ќе гласа за нашата иднина а кој треба да биде обележан како политички калкулант и кој ги изневерил својот народ и држава, објави Битиќи на социјалните мрежи.
Комисијата вчера изгласа два заклучоци – да пристапи кон измена на Уставот и да подготви нацрт-амандмани на Уставот, во случај на собраниска седница на 18 август да биде прифатена потребата од измена на основниот документ. Двата заклучоци беа усвоени со десет гласа „за“ и седум гласа „против“.
Прво, комисијата го поддржува предлогот да се пристапи кон измена на Уставот поднесен од Владата на Република Северна Македонија. Второ, комисијата му предлага на Собранието да донесе одлука за пристапување кон уставна измена, рече Талат Џафери, кој е претседател на македонскиот парламент и на Комисијата за уставни прашања.
Вториот заклучок се однесува на подготовка на нацрт-амандмани на Уставот, доколку потребата од вакви измени биде поддржана на собраниската седница на 18 август.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно пред комисијата го оправда предлогот за уставни измени. Зборуваа и претставници од сите пратенички групи. Против уставните измени се 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и двајца пратеници од Левица.
На средбата покрај Ковачевски присуствуваа и министерот за правда Кренар Лога, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, а подоцна им се приклучија и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и претставници на дипломатскиот кор и мисиите во Скопје.