„Мнозинството пратеници во Собранието денес отфрлија вредносна и цивилизациска обврска – државата да застане на страната на оној што е во опасност, а не да остане нем набљудувач додека опасноста се приближува кон жртвата“, смета пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи откако најголем дел од пратениците не поддржаа предлогот на дел од нивните колеги од опозицијата за законски дополнувања со кои би се вовела електронска нараквица за следење на сторители на семејно насилство и би ја предупредувале жртвата. Според Битиќи, негласањето претставува длабока политичка, човечка и вредносна грешка.
„Во исто време, оваа одлука на мнозинството пратеници ја разголува и длабоката противречност на власта. Таа сака да се претставува како „десничарска“, како власт на ред, вредности и поредок, но каква е таа идеологија што не препознава дека првата должност на државата е заштитата на ранливиот? Без заштита, секоја идеологија што се повикува на вредности останува без човечка содржина“, посочува пратеникот, додавајќи дека семејното насилство не започнува со последниот физички удар, како што ни фемицидот не доаѓа без претходни сигнали.
За законот гласаа само 27 пратеници од вкупно 94 регистрирани. При гласањето воопшто немаше народни избраници кои се изјаснија „против“ или, пак, беа воздржани.
Предлогот за дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејството го поднесоа повеќемина пратеници од опозицијата, а пред пратениците го образложи претседателката на ЛДП, Моника Зајкова. Таа посочи дека не станува збор за нов закон за дополнување на посочениот закон, бидејќи пред една година пред Собранието беше поднесен истиот текст, кој и тогаш беше одбиен.
Според Зајкова, пратениците од мнозинството избрале соучесништво во насилството наместо превенција, одбивајќи го по втор пат предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита.