Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи ја посети компанијата Тиамо од Скопје со главна дејност-преработка и конзервирање на месо. Таа е една од стотиците компании кои Владата ги поддржува преку Законот за финансиска помош на инвестиции, кој има за цел да ги стимулира домашните компании да инвестираат во нашата земја.
„Сопственикот, господинот Хајрун Сулејмани ме прошета низ капацитетите на компанијата, со која потпишавме договор за поддршка на инвестицискиот проект 2021-2025 година, за што до сега и имаме исплатено државна помош од над 490 милиони денари по мерките за пораст на капитални инвестиции и приходи, и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот. Како влада која обезбедува финансиска поддршка за компаниите во прехранбената индустрија, нашата цел е да промовираме економски раст, нови работни места, но и безбедност на храната и да ги поттикнеме иновациите во секторот”, изјави вицепремиерот Битиќи при неговата посета во компанијата Тиамо.
Вицепремиерот Битиќи рече дека секојдневно расте бројот на домашни компании кои преку ЗФПИ се охрабрени да инвестираат, и до сега Владата има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции поддржани со 100 милиони евра, некаде околу 20 проценти.
„Само во Скопскиот Регион поддржани се 181 компании кои до денес имаат добиено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за нивните инвестициски циклуси, кои креираа нови работни места за нашите граѓани. На довербата ние ќе возвратиме со измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите за загарантирана 100% исплата кон секоја компанија, за да исплатата на поддршката не зависи од нечија волја”, изјави Битиќи.
Сопственикот на компанијата, Хајрун Сулејмани се заблагодари за владината помош, особено што дојде во кризно време.
„Помошта на Владата во ова време на криза многу и помогна на нашата компанија. Освен што ја искористивме владината помош, добивме и од ИПА фондовите, при што до сега имаме вкупно добиено 1,5 милиони евра. Сега аплициравме на последниот повик каде очекуваме да инвестираме 1,4 милиони евра”, рече Сулејмани.