Успешната и развојна деловна активност на „ДИМ Комерц” е пример за тоа како владините економски политики даваат реални и конкретни резултати во делот на поттикнувањето и унапредувањето на рамномерниот регионален развој, изјави заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, при посетата на компанијата „ДИМ Комерц” од Валандово која е поддржана преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека компанијата преку континуирано вложување и унапредување на производството успева да ја одржи својата конкурентност на странските пазари.
„Со постојано усвојување на најсовремени деловни практики и технологии во доменот на преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, со заокружен процес на производство, т.н. „од семка до готов производ”, „ДИМ Комерц” е пример за растечка, развојна и одржлива компанија во нашава земја, надвор од најразвиениот Скопски плански регион, а која е поддржана преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информираше дека компаијата во 2021 година започна нов петгодишен инвестициски циклус од над 1 милион евра, во кој е поддржана во делот на нови вработувања, пораст на капитални инвестиции и приходи, како и во зајакнувањето на нејзината конкурентност на пазарот, а преку преработката на здрави, еколошки и чисти конзервни производи од овошје и зеленчук, ќе даде позитивен импулс на локалниот економски развој, што за граѓаните на Валандово и околината ќе значи нови работни места, повисоки плати и повисок животен стандард.
„Успешната и развојна деловна активност на „ДИМ Комерц” е пример за тоа како владините економски политики даваат реални и конкретни резултати во делот на поттикнувањето и унапредувањето на рамномерниот регионален развој, кој ќе одговара на потребите на граѓани независно од место каде што живеат.
Воедно, уште еднаш како Влада покажавме на дело дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании во нивните напори за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови работни места”, изјави Битиќи.
Владимир Марков, Менаџер во компанијата ДИМ Комерц се заблагодари за добиената финансиска помош, која меѓу другото се користи и за изградба на еден објект за преработка на овошје и зеленчук.
„Во 2021 година нашата компанија склучи договор со Владата на РСМ за поддршка на инвестициите.
Овде сме во објектот кој што го градиме од 2021-ва од средствата добиени преку финансиска помош на инвестициите и се наменети за изградба на овој објект кој ќе биде во функција на постоечкиот, за преработка на овошје и зеленчук”, изјави Марков.