Битиќи: Вработените во железници да не се грижат за работните места, либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите

од Nikola Popovski
596 прегледи

Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на настан по повод одбележување на 151 годишнината од формирањето на македонски железници.

-Годинава е една од најважните во историјата на железниците во Северна Македонија, се случи либерализација на железничкиот сообраќај. Отворивме ново поглавје во железницата, создадовме нови можности за подобар квалитет на услугите кои се испорачуваат, за поголеми приходи, а со тоа и за поголеми плати на вработените. И дозволете ми да ги адресирам гласините кои ве загрижуваат вас, вработените во железници, бидејќи денеска сакам да ме слушнете. Нема потреба од загриженост за вашите работни места. Да немате страв туку да гледаме во можностите и да развиваме железница која ќе биде на услуга на сите наши граѓани, порача Битиќи.

Според него, либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава.

-На либерализацијата не треба да гледаме со страв, да ја прифатиме како можност да ја искористиме нашата стратешка локација. Ќе ја споменам близината и поврзаноста со пристаништето во Пиреја, еден од најголемите транспортни хабови во Југоисточна Европа, влезна транспортна точка за цела Европа. Имаме потенцијал којшто треба уште да го искористиме, имаме придобивки кои ни се на дофат не само за железницата, туку и за целокупната економија, истакна меѓу другото вицепремиерот за европски прашања.

Слични содржини